Лидерите на Шкотска, Велс и Северна Ирска во понеделник ќе се сретнат во Кардиф, каде што според „Телеграф“ треба да потпишат заедничка декларација со која ќе го потврдат правото на нивните народи да одлучуваат за сопствената иднина. На состанокот ќе учествуваат шкотскиот премиер Џон Свини, велшкиот премиер Рун ап Иорвет и премиерката на Северна Ирска, Мишел О’Нил. На средбата ќе присуствува и Мери Лу Мекдоналд, лидерка на „Шин Фејн“ и опозициска лидерка во ирскиот парламент.
Станува збор за прв ваков координиран настап на лидерите на трите деволуирани нации кои отворено се залагаат за независност или уставно преуредување на односите со Лондон.
Четири точки на заедничка платформа
Според „Телеграф“, покрај декларацијата, партиите би требало да потпишат и меморандум за разбирање со кој ќе ја формализираат соработката. Планот опфаќа четири главни области: економија, енергетика, односите со Европа и меѓународната соработка, како и правото на самоопределување.
Трите политички сили имаат и заедничка визија за идните односи со Европската Унија. Шкотска и Велс би настојувале да станат членки на ЕУ како независни држави, додека Северна Ирска би се приклучила како дел од евентуално обединета Ирска. Свини смета дека политичката ситуација веќе покажува промена што Лондон не може да ја игнорира.
„По првпат во историјата Шкотска, Велс и Северна Ирска ги водат премиери кои ја поддржуваат независноста“, изјавил тој, оценувајќи дека тоа покажува оти сегашниот модел повеќе не може да се смета за трајно решение.
Нов притисок врз британската влада
Заедничкиот состанок би можел дополнително да го зголеми притисокот врз британскиот премиер Енди Бурнам околу прашањето за нов референдум за шкотската независност. Бурнам во парламентот претходно изјавил дека би можел да одобри ново изјаснување доколку постои „јасен консензус“. Свини, пак, предупредува дека Бурнам би можел да биде запаметен како „последниот премиер на Обединетото Кралство“.
Но позицијата на британската влада останува спротивна на брзо распишување нов референдум. Во писмо до Свини, Бурнам навел дека такво гласање нема да биде дозволено пред следните парламентарни избори, повикувајќи се на ставовите на Лабуристичката партија од 2024 година.
„Шин Фејн“ го отвора и прашањето за обединета Ирска
Северноирската „Шин Фејн“ на состанокот доаѓа со уште подиректно барање – подготовка за можен референдум за обединување на Ирска. Од партијата порачуваат дека Северна Ирска има право демократски да одлучи за својата иднина и дека подготовките за „нова Ирска“ треба да започнат уште сега.
Според Спогодбата од Велики петок, референдум за обединување може да биде распишан доколку постојат индикации дека мнозинството жители на Северна Ирска би гласале за напуштање на Обединетото Кралство и обединување со Република Ирска. Темата дополнително доби меѓународно внимание откако американскиот претседател Доналд Трамп, при посетата на Даблин, изјави дека би сакал да види обединета Ирска и оцени дека приклучувањето на Северна Ирска кон Република Ирска би било „одлична работа“.
Велс бара и поголеми економски овластувања
За Велс, прашањето не се сведува само на независноста. „Плеид Камри“ планира да бара поголеми фискални овластувања, вклучително и приходи поврзани со имотот на Круната, меѓу кои и приходите од морското дно на кое се развиваат офшор-ветерни паркови.
Партијата бара и промена на моделот на финансирање на Велс, како и дополнителни надлежности во полицијата и железничкиот сообраќај. Иако политичките сили во трите нации сè посилно ја координираат својата политика, тие немаат автоматско право самостојно да распишат референдум за напуштање на Обединетото Кралство.
Токму затоа средбата во Кардиф засега треба да се гледа пред сè како политички сигнал и координиран притисок врз Вестминстер. Но, фактот што трите движења за независност за првпат настапуваат заеднички на највисоко политичко ниво може да означи нова фаза во дебатата за иднината на Обединетото Кралство.