Последици од трговската војна меѓу САД и Канада: Откази, поскапа стока и милијарди долари нови царини

Трговскиот конфликт меѓу САД и Канада се продлабочува. Царините ги погодуваат индустријата, работните места и цените, а компаниите бараат нови пазари.

Трговската војна меѓу САД и Канада влегува во нова и поопасна фаза, откако Вашингтон ги зголеми царините за канадските производи, а Отава возврати со нови контрамерки за американската стока. Последиците веќе се чувствуваат во индустријата, на пазарот на труд и во синџирите на снабдување, а економските аналитичари предупредуваат дека продолжувањето на конфликтот може дополнително да ги зголеми трошоците за компаниите и потрошувачите.

Канадските провинции не се погодени подеднакво. Најголем удар трпат регионите со силна индустриска база и голема зависност од прекуграничната трговија. Особено изложен е Онтарио, поради автомобилската индустрија, производството на челик и големиот број компании кои се дел од северноамериканските синџири на снабдување.

Квебек, пак, е силно погоден во металуршкиот сектор. Извозот на метали од оваа провинција се намалил за 36 отсто меѓу февруари 2025 и февруари 2026 година, додека вработеноста во секторот паднала за 3,6 отсто. Според проценките, Онтарио, Квебек и Британска Колумбија би можеле да бидат меѓу најголемите губитници доколку сегашните царини останат во сила.

САД во моментов имаат царини за клучни канадски сектори, меѓу кои челикот, алуминиумот, граѓата и автомобилите. Минатата недела Вашингтон воведе и дополнителна царина од 50 отсто за канадска стока вредна околу 28 милијарди канадски долари, односно околу 20 милијарди американски долари.

Канада возврати со контрацарини за американски производи, во мерка што Отава ја опишува како „долар за долар“ и „стратешка“ одмазда, со цел да одговори на американските царини. Канадските мерки не се избрани случајно. Отава најави царини за американска стока вредна околу 27,6 милијарди канадски долари, вклучително челик, апарати за домаќинство, земјоделска и градежна опрема, хартија, пластика и други производи.

Од американска страна, најголем удар би можеле да почувствуваат сојузните држави со силна индустрија и голем извоз кон Канада. Особено ранлив е Охајо поради производството на челик и индустриската база, додека Илиноис е значаен поради производството на земјоделска и градежна опрема. Според канадската статистичка служба, на Охајо би можеле да му бидат погодени со царини 3,2 милијарди канадски долари, односно околу 12 отсто од неговиот извоз кон Канада. По него следуваат Илиноис и Пенсилванија.

Канадската стратегија е насочена кон американските производители, но истовремено има цел да се ограничи ударот врз канадските потрошувачи. Проблемот за Канада е нејзината огромна зависност од американскиот пазар. Со децении компаниите ги градеа своите деловни модели врз претпоставката дека стоката релативно лесно ќе ја минува границата меѓу двете земји. Сега таа претпоставка се менува.

Канадските компании веќе се обидуваат да најдат нови пазари. Извозот во земји надвор од САД пораснал за 11,1 отсто, додека извозот кон САД се намалил за 3,7 отсто. Уделот на пазарите надвор од САД достигнал 32,8 отсто од вкупниот канадски извоз.

Сепак, американскиот пазар не може лесно да се замени. Компаниите мораат да бараат нови купувачи, дистрибутери и добавувачи, а за индустриите како автомобилската, менувањето на целиот синџир на снабдување може да биде исклучително скапо. Најголемата цена на трговската војна би можеле да ја платат работниците. Царините не застануваат на границата, туку нивниот трошок се пренесува врз производителите, добавувачите, транспортните компании и вработените.

Банката на Канада веќе регистрирала пад на вработеноста во канадското производство. Економистот од Калгари, Тревор Томб, проценува дека доколку новите американски царини останат во сила, во Канада би можеле да бидат изгубени околу 90.000 работни места. Од нив, околу 52.000 би биле директно загрозени, а уште околу 35.000 би исчезнале поради индиректните последици.

Последиците се чувствуваат и во САД. Според проценката на американската организација Tax Foundation, просечно американско домаќинство годинава би можело да плати околу 840 долари повеќе поради царините на администрацијата на Доналд Трамп за стока од повеќе земји, меѓу кои и Канада.

Така, трговската војна која започна како спор околу царини постепено се претвора во поширок економски удар – врз производството, работните места, синџирите на снабдување и крајните цени што ги плаќаат граѓаните од двете страни на границата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс