Американската Сојузна трговска комисија (ФТЦ) и 22 сојузни држави поднесоа тужба против Амазон, обвинувајќи го технолошкиот гигант дека повеќе од седум години тајно ги зголемувал цените за дигитално огласување на својата платформа. Според тужбата, компанијата со манипулација на аукцискиот систем остварила десетици милијарди долари нелегална добивка, при што трошоците на крајот паднале на товар на потрошувачите.
Компаниите плаќаат за нивните производи да се појават на врвот на резултатите од пребарувањето на Амазон, а огласниот простор официјално се доделува преку систем на јавни аукции. Според правилата што Амазон јавно ги презентира пред продавачите, победникот на аукцијата не ја плаќа целата понудена сума, туку само еден цент повеќе од втората највисока понуда.
Ако една компанија понуди 200 долари, а втората 190 долари, победникот треба да плати 190,01 долар. Сепак, обвинението на ФТЦ наведува дека Амазон со години тајно наплаќал значително повисоки износи, заобиколувајќи ги сопствените правила за да ги надува приходите.
Претседателот на ФТЦ, Ендрју Фергусон, соопшти дека последиците од ваквите практики се директен удар врз пазарот.
„Повисоките трошоци за бизнисот на Амазон во голема мера на крајот ги сносија американските потрошувачи“, изјави Фергусон, додавајќи дека станува збор за недозволиви и измамнички практики од страна на најголемата интернет-продавница во светот.
По објавувањето на информациите за тужбата, акциите на Амазон на берзите забележаа пад од околу 2,5 проценти.