Мелони по 1.413 дена на власт го руши рекордот на Берлускони

Италијанската премиерка застанува на чело на најдолговечната повоена влада во Рим, но поразот на референдумот отвора проблеми пред изборите.
Фото: governo.it, CC BY 3.0 IT, via Wikimedia Commons

Италијанската премиерка Џорџа Мелони за три дена ќе стане шеф на најдолговечната влада во повоената историја на Италија. Нејзиниот кабинет ќе наврши точно 1.413 дена на функцијата, со што за еден ден ќе го надмине досегашниот рекорд на Силвио Берлускони. Иако нејзината партија Браќа на Италија води во анкетите, политичкиот успех доаѓа во момент кога коалицијата се соочува со отпорот на опозицијата и со референдумски пораз за реформите во правосудството.

Во држава која со децении важеше за синоним за политичка нестабилност и смени речиси 70 влади за 80 години, Мелони успеа да го одржи истиот состав подолго од кој било нејзин претходник по Втората светска војна.

Пратеникот од нејзината партија Браќа на Италија, Марко Оснато, изјави за Франс прес дека овој резултат е повод за гордост. Според него, Италија има посилно влијание во Брисел, пред сè околу заострувањето на правилата за миграција и новите договори во енергетската политика.

Политичките аналитичари предупредуваат дека институционалниот рекорд не гарантира лесна победа на изборите закажани за 2027 година. Лоренцо Прељаско од институтот „ЈуТренд“ (YouTrend) објаснува дека неодамнешниот неуспех на референдумот за правосудството испрати порака дека меѓу гласачите постои простор за алтернативно мнозинство.

Реформата на судот, зајакнувањето на премиерските овластувања и поголемата регионална автономија беа трите главни ветувања на десничарската коалиција. Опозицијата обвинува дека стабилноста не донесе суштински економски решенија, па политичкиот притисок врз премиерката расте токму кога нејзината влада влегува во историските книги.

е-Трн да боцка во твојот инбокс