Новата портпаролка на Белата куќа, Кејти Захарија, призна дека не го положила правосудниот испит, откако во телевизиско интервју беше директно прашана за нејзините правни квалификации. Захарија изјави дека резултатот не ѝ бил важен бидејќи во тој период дознала оти ќе живее во Кина. Признанието отвора дополнителни критики во Вашингтон околу критериумите за избор на клучни функционери во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Прашањата околу квалификациите на Захарија стигнаа од неочекувано место. За време на интервјуто на телевизијата Фокс њуз, водителот Шон Хенити, еден од најблиските медиумски сојузници на Доналд Трамп, директно ја праша портпаролката дали го положила испитот за адвокатска лиценца.
Хенити посочи дека медиумите веќе евидентирале околу 15 објави на социјалните мрежи каде што таа користела професионална правна титула, иако нема јавен доказ дека некогаш стекнала официјална дозвола за практицирање право. На прашањето зошто веднаш не кажала оти паднала на испитот, Захарија одговори дека не се ни подготвувала сериозно.
„Веќе бев пријавена за испитот, а во текот на летото дознав дека ќе живеам во Кина. Затоа резултатите станаа неважни. Сепак се појавив на полагањето за да не се водам како кандидат што се откажал“, рече Захарија во емисијата, додавајќи дека подоцна никогаш повторно не се обидела да го положи.
Захарија претходно го одржа својот прв брифинг во Белата куќа што траеше само 14 минути, по што влезе во серија медиумски преиспитувања околу нејзиното работно искуство и правниот статус.
