Тренирате редовно, а нема резултати – Каде грешите?

Редовен тренинг, потење и чувство дека давате максимум – а телото речиси и да не се менува.

Ако ова ви звучи познато, можеби проблемот не е во тоа што не вежбате доволно, туку во начинот на кој тренирате. Фитнес-тренери откриваат дека неколку многу чести навики можат сериозно да го забават напредокот.

Многу луѓе влегуваат во теретана со голема мотивација, но по неколку недели или месеци се разочаруваат затоа што не гледаат резултати. Токму на оваа тема се осврнува текст на „Гардијан“, во кој лични тренери објаснуваат дека проблемот често не е во волјата, туку во погрешниот пристап.

Една од најчестите грешки е таканаречениот „boom and bust“ циклус – период кога некој одеднаш почнува да тренира премногу интензивно, пет или шест дена во неделата, а потоа поради замор, обврски или пад на мотивацијата целосно прекинува. Наместо тоа, тренерите советуваат пореален распоред што може да се одржи на подолг рок.

Друг чест проблем е верувањето дека повеќе секогаш значи подобро. Според тренерите, преголем број вежби, предолги тренинзи и пречесто вежбање можат да создадат замор без вистински напредок. „Гардијан“ наведува и дека некои луѓе престануваат со сериите прерано, без доволно да ги оптоварат мускулите за телото навистина да се приспособи и зајакне.

Посебно внимание се посветува и на храната. Дел од луѓето се обидуваат да „истренираат“ лош начин на исхрана, што ретко дава добри резултати. Тренерите предупредуваат дека калориите не доаѓаат само од оброците, туку и од пијалаците – кафиња со додатоци, сокови, смути, газирани пијалаци или алкохол, кои многу лесно можат да го нарушат целиот напредок.

Уште една голема грешка е премногу интензивното вежбање без доволно одмор. Телото не напредува само додека тренираме, туку и додека закрепнува. Ако не му се даде време за одмор, расте ризикот од повреди, воспаленија и пад на формата. Наместо фитнесот да се доживува како казна, тренерите советуваат да се гледа како долгорочна инвестиција.

Некои луѓе формално поминуваат еден час на тренинг, но голем дел од времето го трошат на телефон, разговори или предолги паузи меѓу сериите. Според еден од тренерите, така едночасовен тренинг лесно може да се претвори во само 30 минути реална работа.

Фитнес-експертите предупредуваат и на нереалните очекувања што ги создаваат социјалните мрежи. Младите често се споредуваат со инфлуенсери што со години тренираат, објавуваат обработени фотографии или промовираат нереални стандарди. Напредокот во реалниот живот оди побавно – и тоа е нормално.


Пораката е јасна: резултатите не зависат само од тоа колку често одите во теретана, туку и од тоа дали тренирате паметно, дали јадете соодветно и дали на телото му давате време да закрепне.

е-Трн да боцка во твојот инбокс