Девет земји ги предупредија своите граѓани да бидат внимателни во Франција

Насилните протести во Франција предизвикаа загриженост низ Европа, а повеќе држави издадоа предупредувања до своите граѓани кои престојуваат или планираат да патуваат во земјата.
Фото: EPA/MOHAMMED BADRA

По викендот обележан со илјадници апсења, ограбени продавници, запалени јавни објекти и судири со полицијата, странските влади повикуваат на зголемена претпазливост.

Според Ројтерс, Италија, Германија, Чешка, Полска, Холандија, Данска, Шведска, Финска и Норвешка ги советуваат своите државјани да избегнуваат масовни собири, протестни маршеви и места на кои постои опасност од нови судири. Предупредувања издадоа и Кина и Малезија.

Протестите, кои започнаа поради високите животни трошоци и незадоволството од јавните услуги, во саботата прераснаа во насилни немири. Во повеќе градови демонстранти се судрија со полицијата, беа ограбени продавници, а во еден од најтешките инциденти беше запалена градската куќа во Лимож.

Италијанските власти ги повикаа своите граѓани да го регистрираат престојот во Франција преку посебна интернет-платформа или апликација, со цел дипломатските служби полесно да ги лоцираат во случај на опасност.

Германското Министерство за надворешни работи предупреди дека во наредните денови не се исклучени нови немири. Германските државјани се повикани да ги почитуваат наредбите на француската полиција, бидејќи оние што нема да ги напуштат недозволените собири по полициска наредба би можеле да се соочат со парични казни или барања за надомест на штета.

Чешка ја оцени безбедносната ситуација како влошена, додека Полска препорача избегнување на протестните зони, но засега не ја промени општата проценка за безбедноста на патувањата во Франција.

Слични препораки издадоа и скандинавските земји, а Холандија ги потсети своите граѓани на потребата од внимателност при патувањето.

Загриженоста се прошири и надвор од Европа. Кина побара од своите државјани да преземат дополнителни мерки за лична безбедност, додека Малезија им препорача на граѓаните да размислат за одложување на патувањата што не се неопходни, сè додека состојбата не се стабилизира.


Во меѓувреме, француската влада разгледува воведување ограничен полициски час во одделни градови и населби погодени од насилството, со цел да спречи нови инциденти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс