Иран го извади од сенка својот „човек за ракети“

Иран назначи нов министер за одбрана, а изборот на човек кој со децении работел на развојот на балистички ракети испраќа јасна порака до Вашингтон.

Мехрдад Ахлаги Кетабчи, познат како еден од клучните луѓе на иранската ракетна индустрија, уште при преземањето на функцијата предупреди дека секој нов американски напад ќе предизвика жесток одговор од Техеран.

Иранскиот парламент го потврди назначувањето на 68-годишниот Ахлаги со 237 гласа „за“ и 15 „против“, со што заврши периодот на привремено раководење со Министерството за одбрана по смртта на неговиот претходник Азиз Насирзаде, кој загина во американско-израелските напади на 28 февруари годинава.

Новиот министер, кој најголемиот дел од кариерата го поминал далеку од очите на јавноста, веднаш упати остро предупредување до САД.

Според британски „Телеграф“, Ахлаги му порача на американскиот претседател Доналд Трамп дека треба да размисли како безбедно да ги повлече американските војници од Блискиот Исток, предупредувајќи на големи човечки загуби доколку Вашингтон повторно го нападне Иран.

Тој нагласи дека иранските вооружени сили се подготвени за евентуална нова ескалација и дека одговорот на американските и израелските напади би бил обемен и неочекуван.

Кој е човекот што го презеде иранскиот воен ресор?

Ахлаги со децении работел во иранската воена индустрија, специјализирајќи се за развој на балистички проектили, ракетни горива и воздухопловна технологија.

Поради неговата улога во иранската ракетна програма, со години се наоѓа под меѓународни санкции, вклучително и санкции од Обединетите нации, САД и Европската Унија.

Неговото назначување доаѓа во момент кога Иран настојува да ги обнови воените капацитети оштетени во судирите со САД и Израел.

Меѓу најавените приоритети се зголемување на производството на ракети земја-земја, развој на крстосувачки ракети, модернизација на противвоздушната одбрана и зајакнување на домашната воена индустрија.

Техеран сака да покаже дека не е ослабен

Според Лина Хатиб од британскиот истражувачки институт „Чатам хаус“, назначувањето на Ахлаги има и силна политичка симболика.

Со изборот на искусен човек од воената индустрија, иранското раководство се обидува да покаже дека државниот и воениот систем продолжува да функционира и покрај загубите претрпени во конфликтот.

Сепак, експертите предупредуваат дека обновувањето на ракетните залихи не значи и дека Иран успеал целосно да ја врати воената моќ што ја имал пред почетокот на војната.

Иако Ахлаги ќе биде одговорен за производството и набавката на вооружување, оперативната контрола над значителен дел од ракетните сили останува во рацете на Иранската револуционерна гарда.

Назначувањето доаѓа во период на длабок застој во односите меѓу Вашингтон и Техеран. Американската администрација продолжува да бара отстапки во врска со иранската нуклеарна програма, додека иранските власти инсистираат дека преговорите не можат да се водат под воен притисок.


Со новиот министер и засилената воена реторика, Иран испраќа сигнал дека не планира да попушти пред американските барања, што дополнително ја зголемува неизвесноста околу иднината на конфликтот на Блискиот Исток.

е-Трн да боцка во твојот инбокс