Кристијанa Аманпур го напушта Си-Ен-Ен по 43 години

Една од најпознатите и највлијателни телевизиски новинарки во светот, Кристијан Аманпур, објави дека го напушта Си-Ен-Ен по 43 години работа во американската телевизиска мрежа.

Нејзиното заминување означува крај на една ера во меѓународното новинарство, во која Аманпур стана препознатливо лице на известувањето од воени конфликти и големи светски кризи.

Аманпур (68) соопшти дека одлуката ја донела по повеќемесечно размислување. Нејзините секојдневни емисии на Си-Ен-Ен и американскиот јавен сервис Пи-Би-Ес ќе завршат на крајот на 2026 година, по што ќе продолжи со неделна емисија на Си-Ен-Ен Интернешнл до мај 2027 година. Официјално ќе ја напушти телевизијата во јуни следната година.

Новинарката ја започнала кариерата во Си-Ен-Ен во 1983 година, како асистентка на меѓународната редакција. Во следните четири децении известувала од некои од најопасните жаришта во светот, меѓу кои војните во Персискиот Залив, Босна и Херцеговина, Руанда, Авганистан и Украина.

Со своите извештаи од теренот, интервјуата со светски лидери и директниот пристап кон политичките прашања, Аманпур изгради репутација на новинарка која инсистира на факти и одговорност на носителите на моќта.

Нејзината одлука доаѓа во период на значајни промени во сопственичката структура на Си-Ен-Ен, по преземањето на матичната компанија од страна на групацијата поврзана со Дејвид Елисон и „Скајденс“. Сепак, засега нема потврда дека заминувањето на Аманпур е директно поврзано со промената на сопственоста.

Аманпур и претходно јавно изразуваше загриженост за независноста на американските медиуми и можните последици од промените во медиумските компании.

Во пораката до своите колеги, таа нагласи дека новинарството мора да остане посветено на фактите, вистината и независноста, без оглед на политичките и економските притисоци.

Иако заминува од телевизиската мрежа со која практично ја изгради целата своја кариера, Аманпур не најавува целосно повлекување од јавниот живот. Таа ќе продолжи со подкастот „The Ex Files“, кој го води со својот поранешен сопруг Џејми Рубин, и најавува можност за нови професионални проекти.


По повеќе од четири децении пред камерите, Кристијан Аманпур останува едно од најпрепознатливите имиња во светското телевизиско новинарство, а нејзиното заминување затвора важно поглавје во историјата на Си-Ен-Ен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс