Младите бараат оставка од премиерот, а незадоволството од образованието, корупцијата и животниот стандард прерасна во поширока политичка криза.
Посетата на Виена, каде што Рама требаше да се сретне со австрискиот канцелар Кристијан Штокер, била откажана на барање на албанската страна, потврдија австриските служби за информирање.
За време на официјалната посета било предвидено Рама да биде пречекан со воени почести. Причините за откажувањето не се официјално соопштени, па засега не може со сигурност да се утврди дали одлуката е директно поврзана со протестите.
Во меѓувреме, Тирана веќе шести ден е сцена на масовни протести, предводени од студенти и средношколци. Демонстрантите бараат подобри услови во образованието, намалување на високите трошоци за студирање и посериозна борба против корупцијата.
Протестите повторно ескалираа во неделата, кога демонстранти фрлаа камења, пиротехнички средства и молотови коктели кон полициските сили. Полицијата интервенираше со солзавец и водени топови.
Инциденти беа регистрирани и во близина на седиштето на владејачката Социјалистичка партија, каде што демонстранти искршија стакла и предизвикаа материјална штета.
И покрај притисокот од улиците, Рама одбива да поднесе оставка. Тој тврди дека насилните протести можат да го загрозат европскиот пат на Албанија и ги обвинува насилните групи дека ги злоупотребуваат барањата на младите.
Според „Ројтерс“, албанските власти покренале постапки против 388 лица поврзани со немирите, а во судирите има и повредени.
Политичката криза дополнително се продлабочува во момент кога Албанија се обидува да го забрза процесот на пристапување кон Европската Унија.
Протестите во Тирана се дел од поширок бран социјално незадоволство во неколку европски земји, каде што младите сè погласно протестираат против високите трошоци за живот, корупцијата и состојбите во јавните услуги.
Иако премиерот засега ја отфрла можноста за оставка, откажувањето на меѓународната посета доаѓа во период кога неговата влада се соочува со продолжени демонстрации и барања за политичка одговорност.
