Три работи што не мора да ги раскажете на првиот состанок

Психолозите предупредуваат дека границата меѓу емоционалната отвореност и прераното споделување интимни детали може да влијае на начинот на кој се развива привлечноста.

Првиот состанок оди одлично. Разговорот тече природно, хемијата е очигледна, а чувството дека конечно сте запознале некој што ве разбира ве охрабрува да бидете целосно искрени. За кратко време почнувате да зборувате за поранешните партнери, семејните проблеми, најголемите стравови, разочарувањата и емотивните рани.

На крајот заминувате со впечаток дека сте воспоставиле длабока поврзаност. Но, следниот ден пораките стануваат поретки, интересот исчезнува и се прашувате што тргнало наопаку.

Психолозите објаснуваат дека ваквите ситуации понекогаш се поврзани со феноменот наречен oversharing – споделување премногу лични информации пред да се воспостават доволно доверба и блискост.

Кога искреноста станува премногу?

Во анализа објавена во „Psychology Today“, психологот Марк Траверс објаснува дека луѓето понекогаш споделуваат многу интимни детали уште на првиот состанок, особено кога се чувствуваат возбудено, нервозно или имаат силна потреба да воспостават блискост.

Проблемот не е во самата искреност, туку во темпото на откривање.

Кога една личност веднаш ќе ги раскаже своите најболни искуства, другата може да почувствува дека од неа се очекува емоционална поддршка за која сè уште не е подготвена.

Наместо романтична привлечност, разговорот може да создаде чувство на притисок или непријатност. Сепак, ваквата реакција не е универзална – некои луѓе ја ценат непосредната емоционална отвореност.

Науката открива интересен парадокс

Истражување објавено во научното списание „Computers in Human Behavior“ покажало дека откривањето интимни информации може да го зголеми чувството на блискост, но во одредени околности и да ја намали социјалната привлечност.

Истражувачите Руојун Лин и Соња Уц утврдиле дека важна улога има тоа дали споделените информации се доживуваат како соодветни за конкретната ситуација.

Иако ова истражување се однесува на комуникацијата на социјалните мрежи, неговите наоди отвораат интересно прашање и за романтичните запознавања: дали чувството дека некого добро го познаваме секогаш значи дека сме и повеќе привлечени од него?

Дали мистеријата е поважна од искреноста?

Во време кога апликациите за запознавање овозможуваат за неколку минути да дознаеме многу за нечии интереси, навики и љубовни очекувања, природното темпо на запознавање добива ново значење.

Во анализа објавена во јули 2026 година, психологот Гурит Бирнбаум пишува дека количината на лични информации во профилите за запознавање може да влијае не само врз привлечноста, туку и врз тоа какви романтични намери другите им припишуваат на корисниците.

Умереното откривање информации може да испрати поинаква порака од премногу краткиот или премногу деталниот опис.

Сепак, тоа не значи дека треба намерно да глумиме недостапност или да криеме важни информации. Поентата е во постепеното градење доверба, при што двајцата партнери имаат простор да одлучат колку сакаат да откријат за себе.

Три работи што не мора да ги раскажете на првиот состанок

Првиот состанок не мора да се претвори во детална анализа на сите минати врски. Долгите приказни за поранешните партнери, особено ако се исполнети со лутина и разочарување, можат да го насочат разговорот кон минатото наместо кон личноста што седи пред вас.

Исто така, најтешките семејни искуства и лични трауми заслужуваат внимание, но не постои обврска да ги споделувате пред да почувствувате доверба.

Конечно, не е неопходно уште на првата средба да ја испланирате целата заедничка иднина. Разговорот за желбата за сериозна врска е сосема разумен, но прераните очекувања за заеднички живот, брак или деца може да создадат притисок.

Привлечноста не се создава со совршен разговор

Најважно е да се направи разлика меѓу искреноста и чувството дека мораме веднаш да откриеме сè за себе за да бидеме прифатени.

Вистинската интимност обично се гради со време, преку меѓусебно слушање, доверба, почитување на границите и постепено запознавање.


Тоа не значи дека треба да премолчуваме важни работи или да се претставуваме како некој друг. Но, не мора сите наши животни приказни да бидат раскажани во текот на една вечер.

е-Трн да боцка во твојот инбокс