Под покровителство на Град Скопје, ЈУ Детски културен центар „Карпош“ од 19 до 22 мај ќе го организира 17. издание на Меѓународниот фестивал и натпревар за класична гитара „Тремоло“, еден од најзначајните музички настани од ваков вид во земјава.
Фестивалот и оваа година ќе донесе концертни вечери со реномирани странски уметници, натпревари за млади гитаристи, како и мастер часови и работилници за професионално усовршување.
Отворањето е закажано за 19 мај во Музејот на македонската борба, каде од 18:30 часот ќе настапи српскиот гитарист Милош Вуковиќ. Ден подоцна, на 20 мај, во Националната филхармонија ќе се одржи концертот „Аир фламенко“, на кој ќе настапи Хозе Луис Мартинез Морено од Шпанија, настан што организаторите го најавуваат како вистински музички спектакл.
На 21 мај ќе се реализираат натпреварите за млади гитаристи, додека завршниот ден, 22 мај, е резервиран за мастер часови и едукативни работилници од областа на класичната гитара.
Организаторите посочуваат дека низ годините „Тремоло“ прераснал во препознатлива и престижна културна манифестација која ги обединува љубителите на класичната гитара од Македонија и странство.
Фестивалот е прв и единствен во земјата целосно посветен на уметноста на класичната гитара, а неговата главна цел е да ги мотивира младите музичари преку концерти, натпревари и директна работа со врвни професионалци да продолжат да се развиваат и еден ден да настапуваат на светската сцена.
Во изминатите години на „Тремоло“ учествувале бројни меѓународно признати солисти и педагози, што придонело фестивалот да стане важна регионална платформа за промоција на класичната музика и младите таленти.