На изборите за Конгресот пред три недели американските гласачи ги казнија републиканците поради состојбата во економијата и инфлацијата, за кои многумина сметаат дека дополнително се влошиле поради царините. Сепак, претседателот Доналд Трамп не се откажува од оваа политика, туку дополнително ја засилува.
Администрацијата на Трамп во средата најави нов бран царини за стоки од 14 големи трговски партнери, меѓу кои Кина, Јапонија и Европската Унија. Овој потег, кој на прв поглед изгледа нелогичен во услови на незадоволство поради високите трошоци за живот, ги одразува долгогодишното уверување на Трамп во ефикасноста на царините и новата политичка реалност со која се соочува Белата куќа, пишува Ројтерс.
Бидејќи демократите ќе ја контролираат законодавната власт во последните две години од неговиот претседателски мандат, царините добиваат дополнителна тежина како еден од најмоќните економски инструменти што Трамп може да ги користи без одобрение од Конгресот.
Царините се давачки за увезени стоки со кои се зголемуваат трошоците за потрошувачите. Трамп, меѓутоа, ги гледа и како средство за изнудување отстапки од странски лидери, поттикнување директори на компании да градат фабрики во САД, зголемување на државните приходи и привлекување поддршка од гласачите од работничката класа. Ова го посочиле американски функционери и други извори запознаени со начинот на размислување на претседателот, во разговор со Ројтерс.
По изборниот пораз на неговата партија, кој може сериозно да го ограничи спроведувањето на домашната политичка агенда, Трамп сака да покаже дека и понатаму може да влијае врз економската политика и да демонстрира моќ, и покрај слабеењето на неговото влијание во Конгресот, наведуваат изворите.
„Сè е тоа благодарение на царините“, изјави Трамп во понеделникот за Си-Ен-Би-Си, посочувајќи на изградбата на нови фабрики во САД. Сепак, призна дека оваа политика може да има и своја цена. „Секогаш ќе има одредени проблеми во овој краток преоден период“, рече тој.
Две третини од гласачите сметаат дека царините ѝ штетат на економијата
Некои републиканци во Конгресот брзо ја обвинија царинската политика на претседателот за тешкиот изборен пораз на партијата. Две третини од гласачите сметаат дека царините на Трамп ѝ наштетиле на американската економија, 21 отсто оцениле дека ѝ помогнале, а 12 отсто дека немале никакво влијание.
Ова го покажуваат излезните анкети спроведени од агенцијата ССРС за група американски медиуми. Институтот за буџетски анализи при Универзитетот Јејл претходно овој месец процени дека царините ги зголемиле годишните трошоци на американските домаќинства за 900 долари.
И покрај ваквите реакции, администрацијата предложи нови царини со кои би се зголемиле давачките за одредени увезени производи.
Новата политика е усвоена по осуммесечна анализа на трговските практики на американските партнери. Таа претставува изменета верзија на пакетот царини што Трамп го воведе во 2025 година, а кој Врховниот суд во февруари го поништи како незаконски.
Главниот трговски преговарач на Трамп, Џејмисон Грир, ги најави новите царини без поголема помпа, непосредно пред Денот на благодарноста. Самиот претседател јавно не се огласи за новите мерки, што е значителна разлика во однос на минатогодишното спектакуларно најавување на царините на таканаречениот „Ден на ослободувањето“, во Розовата градина на Белата куќа.
И покрај ненаметливото претставување, реакцијата на пазарите беше брза. Референтниот берзански индекс Си-ен-пи 500 во средата го заврши тргувањето со пад од четвртина процентен поен.
Трамп ги вознемири пазарите и само неколку дена претходно, со обидите да го врати Џенсен Хуанг на функцијата извршен директор на производителот на чипови „Нвидиа“. Тоа беше изненадувачки потег со кој ги тестираше границите на претседателското мешање во приватниот сектор. Берзите забележаа раст по враќањето на Хуанг, но во меѓувреме загубија дел од тие добивки.
Демократите го обвинуваат Трамп дека ги игнорира трошоците за живот
Демократите ја искористија најавата за новите царини за да го обвинат Трамп дека свесно го игнорира незадоволството на гласачите поради високите трошоци за живот и инфлацијата. Според нив, на економските проблеми придонела и одлуката на претседателот да го нападне Иран, со што започнал конфликт што значително ги нарушил производството и транспортот на нафта.
Неколку демократи оценија и дека ваквата политика, со казнување на сојузниците, има мал придонес во ограничувањето на агресивните трговски практики на Кина.
„Републиканците ништо не научија“, напиша на мрежата Икс Кетрин Кларк, демократка од Масачусетс и идна лидерка на мнозинството во Претставничкиот дом.
Поранешен висок американски трговски функционер, кој работел во администрацијата на Трамп, изјавил за Ројтерс дека тешкиот изборен пораз веројатно влијаел врз ублажувањето на предложените царински стапки. Повисоките стапки, според него, можеле да предизвикаат нова загриженост поради трошоците за живот.
Сепак, додека во фокусот на изборите биле растот на цените на горивата и трошоците за живот, Трамп го намалувањето на американскиот трговски дефицит го поставил како еден од темелите на политиката на својата администрација. Тој тврди дека Вашингтон практично ги преместувал работните места во индустријата во странство.
„Ставањето крај на практиката американските работници, земјоделци и компании да бидат оштетувани од неправедни трговски договори е еден од клучните столбови на движењето на претседателот Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема““, изјави портпаролот на Белата куќа, Метју Мидлтон, додавајќи дека администрацијата „ќе продолжи да се бори за намалување на трошоците“.
Царините воедно обезбедија и нов извор на приходи за федералната влада, откако со клучниот закон на Трамп од 2025 година, познат како „Еден голем убав закон“, беа трајно утврдени пониските стапки на данокот на доход за граѓаните.
Протекционистичката политика на Трамп доби поддршка од одредени синдикати на индустриски работници, кои традиционално ги поддржуваат демократите. Од друга страна, некои републиканци ѝ се спротивставуваат, сметајќи дека царините се економски инструмент што го загрозува слободниот пазар.
