По речиси 14 часа преговори за следниот седумгодишен буџет на Европската Унија, европските лидери не успеаја да постигнат договор ниту да направат значаен исчекор. Самитот во Брисел заврши без напредок, а несогласувањата меѓу земјите членки останаа длабоки. Преговорите дополнително се искомплицираа откако седум земји, познати како „штедливата група“, одлучија да го бојкотираат форматот на разговори предложен од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Станува збор за Австрија, Белгија, Данска, Финска, Германија, Холандија и Шведска. Кошта предложил лидерите да разговараат во помали групи со географски мешан состав, со цел да се поттикнат на отстапки и компромиси. По првите неколку рунди разговори, седумте земји настапиле заеднички, оценувајќи дека предложениот формат е неправеден и дека врши дополнителен притисок врз нивната група. Тие побарале преговорите да продолжат директно на пленарна седница, со сите лидери во иста просторија.
Длабоки поделби околу тоа колку треба да троши ЕУ
Главниот судир е меѓу земјите што бараат намалување на буџетот и оние што сакаат да ги зачуваат средствата за кохезија и земјоделство.
„Штедливата група“, составена од земји кои се меѓу најголемите нето-уплатувачи во европскиот буџет, бара намалување на вкупните расходи и пренасочување на приоритетите кон конкурентноста и одбраната. Истовремено, тие инсистираат да се задржат и корективните механизми со кои се намалуваат нивните финансиски придонеси.
Од другата страна се земјите од групата „Пријатели на кохезијата“, кои се залагаат за задржување на амбициозно финансирање на посиромашните региони во Унијата. Австрискиот канцелар Кристијан Штокер го оцени предложениот формат на преговори како неефикасен и порача дека е потребен нов предлог за компромис. Според него, досегашните предлози не ги задоволуваат потребите на земјите што го носат најголемиот финансиски товар на буџетот.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, пак, повторно се спротивстави на новото заедничко задолжување на Унијата. Тој предупреди дека каматите за постојниот заеднички долг, создаден меѓу другото преку фондот „Следна генерација ЕУ“ и помошта за Украина, ќе го оптоварат следниот седумгодишен буџет со повеќе од 150 милијарди евра.
„На Европа ѝ се потребни стабилни финансии, а не нови долгови“, изјави Мерц.
Макрон постави рок до крајот на годината
Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека нема да прифати преговорите за буџетот да продолжат по 31 декември. Според него, процесот не смее да се префрли во периодот на претседателската кампања во Франција. „Можеме да постигнеме договор до 31 декември, но тоа е апсолутниот рок“, изјави Макрон на прес-конференција одржана за време на самитот.
Неговиот став се разликува од позициите на италијанската премиерка Џорџа Мелони и холандскиот премиер Роб Јетен, кои порачаа дека не се обврзани со конкретен временски рок и дека приоритет им е постигнување добар договор.
„Светлосни години сме оддалечени од решение за овој проблем“, изјави Мелони.
Без согласност за заемот за Украина
На самитот беше отворено и прашањето за финансиската поддршка за Украина. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, потврди дека Словачка, Унгарија и Чешка не го поддржуваат заемот од 45 милијарди евра за Украина.
Бугарија ќе учествува само во цивилниот дел од поддршката. Кошта најави дека прашањето повторно ќе биде разгледано во декември.
Преговорите продолжуваат во декември
По завршувањето на самитот, Кошта изјави дека разговорите во различни формати биле корисни за утврдување на можните параметри за договор на следниот состанок. Сепак, лидерите останаа цврсто на националните позиции, без подготвеност за значителни отстапки. Новата рунда преговори на високо ниво е најавена за 17 декември.
Пред европските лидери останува тешка задача: да ги усогласат барањата за намалување на расходите со потребата од финансирање на кохезијата, земјоделството, одбраната и конкурентноста на Унијата.
