Нови радари ќе казнуваат и во движење: „Безбеден град“ се шири низ Македонија до средината на 2027 година

Паметни камери со радари ќе се поставуваат во полициските возила и ќе регистрираат сообраќајни прекршоци и на отворен пат. Во меѓувреме, до крајот на годината треба да почне и контролата на непрописното паркирање.

Системот „Безбеден град“ ќе добие нови функционалности и постепено ќе се проширува низ Македонија. Во полициските возила ќе бидат поставени паметни камери со радари, кои автоматски ќе регистрираат сообраќајни прекршоци и додека возилата се во движење. Целосната имплементација на проектот е планирана до средината на 2027 година, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Подвижните радари ќе се користат и во градските средини и на отворените патишта. Нивното воведување ќе се одвива постепено, со опремување на полициските возила и обука на полициските службеници.

Контрола на непрописното паркирање

Системот за санкционирање на непрописното паркирање треба да започне да функционира до крајот на годинава, но утврдувањето на прекршоците нема да биде целосно автоматизирано. Полициски службеник ќе треба да ја потврди неправилноста, бидејќи камерите не можат со целосна точност да разликуваат непрописно паркирање од запирање предизвикано од сообраќаен метеж.

Контролите ќе бидат насочени кон главните булевари во Скопје и во другите градови, особено кон сообраќајниците по кои се движат автобусите.

Мобилна апликација за проверка и плаќање казни

Тошковски најави и мобилна апликација, која треба да биде достапна од следната недела. Преку неа граѓаните ќе можат да проверат дали имаат регистриран сообраќаен прекршок и да ги платат изречените казни. Проширувањето на „Безбеден град“ ќе се одвива во неколку фази. Според најавениот распоред, Секторот за внатрешни работи Струмица треба да биде опфатен во првата половина на декември, додека СВР Штип треба да се приклучи до крајот на годинава или најдоцна до крајот на јануари.


СВР Скопје е предвидено да биде опфатен до крајот на февруари, а целосната имплементација на системот на национално ниво треба да заврши до средината на 2027 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс