Што би се случило ако Русија активира нуклеарна бомба во вселената и какви би биле последиците?

Детонација на нуклеарно оружје во орбитата би можела да оштети или да онеспособи сателити оддалечени илјадници километри, со сериозни последици за глобалните комуникации и вселенската инфраструктура.

Русија наводно подготвува лансирање сателит опремен со нуклеарно оружје во вселената подоцна годинава. Според сценариото што се разгледува, ваков потег би можел да претставува сериозна закана за глобалните комуникации. Германските медиуми, повикувајќи се на процени на западните разузнавачки служби, објавија дека сателитот би можел да биде лансиран во следните 60 дена, а набргу потоа и да стане оперативен, пренесува „Гардијан“.

Во продолжение следува преглед на можните последици од детонација на нуклеарно оружје во вселената.

Што се наведува во извештаите?

Германските јавни радиодифузни сервиси НДР и ВДР, како и весникот „Зидојче цајтунг“, објавија дека западните разузнавачки служби, меѓу кои и германската Федерална разузнавачка служба (БНД), како и германските вооружени сили, размениле информации за сателит опремен со нуклеарно оружје.

Според тие информации, сателитот, наречен „Спутник-С“, бил составен пред неколку години и моментално се наоѓа во московскиот регион. Се наведува дека би можел да биде лансиран уште оваа година. Портпарол на германската влада изјавил дека разузнавачките извештаи „се сфаќаат многу сериозно“.

Какви последици би имала нуклеарна експлозија во орбитата?

Во вселената, каде што нема атмосфера, не би се создал карактеристичниот нуклеарен облак во форма на печурка. Наместо тоа, енергијата од експлозијата би се ослободила во форма на зрачење. Особено разорни последици би можеле да има детонација во ниската Земјина орбита, односно на височина до околу 1.930 километри над површината на Земјата. Токму во овој дел од орбитата се наоѓа голем број сателити.

Астрофизичарот Џонатан Мекдауел, почесен професор во Истражувачкиот центар за вселената при Универзитетот во Дурам, Велика Британија, посочува две главни последици. Првата е изложувањето на сите објекти што се наоѓаат во директна линија на видливост на експлозијата на рендгенско и други видови зрачење. Тоа би можело да оштети или целосно да онеспособи сателити, дури и оние оддалечени илјадници километри.


Втората последица би била ослободување на наелектризирани честички што би можеле да стигнат до пониските делови на атмосферата и да создадат нов Ван Аленов појас. Станува збор за појаси на зрачење што ја опкружуваат Земјата и претставуваат дел од нејзината магнетосфера, во која се заробени наелектризирани честички.

е-Трн да боцка во твојот инбокс