Наместо дополнителните средства да се насочат кон зголемување на износот на субвенционираниот студентски оброк, Владата најавува изработка на ново софтверско решение, чија потреба е дискутабилна. Ваква оценка изнесе Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени, објави „4њуз“. Гостувајќи во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Ходаи изрази сомнеж во мотивите за воведување нова електронска платформа за студентскиот оброк, посочувајќи дека нејзината изработка ќе предизвика дополнителни трошоци.
„Проблематично е поради тоа што уште пари ќе се трошат на софтверско решение, кое ќе биде платформа за студентски оброк, што сигурно ќе чини многу“, изјави Ходаи.
Според него, средствата што би биле потрошени за новата платформа можат да се искористат за подобрување на студентскиот стандард и зголемување на дневниот износ за исхрана.
„Наместо тие пари да бидат насочени кон висината на студентскиот оброк, изгледа дека Владата сака да збогати некоја нова фирма што е блиска до нив како партија и како Влада“, рече Ходаи.
Тој не посочи конкретна компанија, ниту презентираше докази за сомнежот дека фирмата што би го изработувала софтверот е блиска до владејачката партија или до Владата.
Постапката почнала пред студентите да се изјаснат
Ходаи смета дека дополнително спорно е тоа што, според неговите наводи, постапката за изработка на новото софтверско решение започнала пред студентите да се изјаснат дали го прифаќаат предложениот модел. Тој оценува дека нема оправданост за трошење дополнителни буџетски средства за промена на системот доколку студентите се задоволни од постојниот начин на користење на субвенционираниот оброк.
