Резолуцијата за Вуковар во Европскиот парламент: Чекор кон помирување или нова причина за поделби?

Европскиот парламент усвои резолуција по повод 35-годишнината од падот и разурнувањето на Вуковар. Документот им оддава почит на жртвите, го осудува величењето на воените злосторници и бара Србија да ги отвори архивите за да се утврди судбината на исчезнатите, но предизвика различни реакции во Србија и Хрватска.

Аплауз од балконот на Европскиот парламент одекна по усвојувањето на резолуцијата за 35-годишнината од падот и разурнувањето на Вуковар. На седницата присуствувале и членови на семејствата на убиените и исчезнатите во градот. Со документот им се оддава почит на сите жртви на Вуковар – хрватските бранители, ранетите и раселените, семејствата на загинатите и исчезнатите, како и цивилните жртви на војната, без оглед на нивното потекло. Во резолуцијата се споменуваат и злосторствата во Овчара, како и логорите на Југословенската народна армија (ЈНА) на територијата на Србија.

Задржана е формулацијата за големосрпската агресија на Слободан Милошевиќ врз Хрватска, но делот што се однесува на носителите на одговорноста е изменет: наместо „естаблишмент“, се наведуваат влијателни поединци. Во документот е вклучена и посетата на поранешниот српски претседател Борис Тадиќ на Овчара, каде што тој се извини за злосторствата. Од Србија се бара да ги отвори архивите и да помогне во пронаоѓањето на исчезнатите лица.

Хрватските предлагачи: Резолуцијата не е наменета да ѝ се допадне на Србија

Хрватските пратеници во Европскиот парламент, кои ја предложиле резолуцијата, во своите реакции се осврнаа и на односите со Белград. „Оваа резолуција не е направена за да ѝ се додворува или да ѝ се допадне на кого било во Србија, туку за да се одбележи страдањето на Вуковар како нешто што е многу важно за Хрватска и да им се оддаде почит на сите хрватски жртви во градот“, изјави Томислав Сокол, пратеник во Европскиот парламент од Хрватската демократска заедница (ХДЗ).

Тој рече дека не е изненаден од реакциите од Србија и оцени дека новата српска власт, односно онаа што ќе биде формирана, според него, не се разликува значително од власта на Александар Вучиќ.

„Тоа е истата големосрпска идеологија што ја гледавме досега“, изјави Сокол.

Студентите во блокада бараат да се признаат и српските цивилни жртви

Реакцијата што ја критикуваше Сокол дојде од профилот на Инстаграм „Студенти во блокада“, а се однесуваше на текстот на резолуцијата пред измените. Во објавата се наведува дека вистинското помирување бара признавање на сите страдања, како и индивидуална и докажана одговорност за злосторствата.

„Во предлог-резолуцијата речиси целосно се занемарени страдањата на српското цивилно население во Хрватска, вклучително и убиствата, прогоните, уништувањето на имотот и масовното бегалство“, наведоа „Студентите во блокада“.

Слична забелешка изнесе и Немања Тодоровиќ Штиплија, главен уредник на порталот „Јуропиан вестерн Балканс“ (European Western Balkans).

„Во резолуцијата се вклучени многу работи на кои можеби не им е местото во документ посветен на годишнината од Вуковар. Затоа беше логично во една таква резолуција да се најдат и српските жртви на војната во Хрватска, како и прашањата поврзани со операциите „Бура“ и „Блесок““, изјави Тодоровиќ Штиплија.

Не сите европратеници ја поддржаа резолуцијата

Резолуцијата не доби поддршка од сите европратеници. Генералниот секретар на Европската демократска партија, Сандро Гоци, се воздржа од гласање, образложувајќи дека загриженоста на Студентската листа заслужува да биде сослушана. Тој го постави и прашањето за политичката инструментализација на резолуцијата и за моментот во кој таа се носи.

„Во момент кога српскиот народ храбро и демократски сврте нова страница, мораме да избегнеме да им дадеме можност на националистичките сили политичката дебата да ја пренасочат од демократската обнова кон етничките поделби и историските судири“, изјави Гоци за агенцијата Бета.


Резолуцијата ќе биде доставена до Европската комисија, Советот на Европската Унија, земјите членки на ЕУ и државите од Западен Балкан. Документот нема правно обврзувачка сила.

е-Трн да боцка во твојот инбокс