Трамп: Битката за ураниумот нема да биде едноставна

Трамп предупредува дека извлекувањето на иранскиот ураниум ќе биде долг и тежок процес, и покрај тврдењата за напредок во преговорите.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека извлекувањето на иранските резерви на збогатен ураниум ќе биде долг и сложен процес, иако претходно тврдеше дека американските удари врз иранските нуклеарни капацитети нанеле целосна штета. Според неговата објава на Truth Social, токму поради размерите на уништувањето, отстранувањето на, како што го нарекува, „нуклеарниот прав“ нема да биде ниту брзо ниту едноставно.

Во меѓувреме, Белата куќа испраќа пораки дека Вашингтон е многу блиску до нов договор со Техеран. Портпаролката Каролин Ливит оцени дека САД никогаш не биле поблиску до, како што кажа, „навистина добар договор“, правејќи споредба со нуклеарниот договор од 2015 година, кој Трамп во својот прв мандат го поништи.

Ливит додаде дека разговорите влегуваат во завршна фаза, но истовремено нагласи дека претседателот има и други опции на располагање ако договор не биде постигнат. Од Вашингтон веќе доаѓаат пораки дека прекинот на огнот е при крај и дека, доколку нема напредок, САД се подготвени повторно да го засилат притисокот врз Иран.

Трамп и претходно се закани со удари врз иранската инфраструктура доколку Техеран не ги прифати американските услови. Во таква атмосфера, прашањето за иранскиот ураниум повторно излегува во прв план како едно од клучните во евентуалниот договор, но и како показател колку далеку двете страни сè уште се од трајно решение

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни