Трамп: Шпанија ќе биде уништена земја поради кризата во Сеута

Американскиот претседател во интервју за британски медиум го поврза притисокот од мигранти со одбивањето на Мадрид да троши пет отсто од БДП за НАТО.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Шпанија ќе стане „уништена земја“ поради постојаниот мигрантски притисок во нејзината северноафриканска енклава Сеута. Во интервју за британската телевизија Џи-би њуз (GB News), Трамп ја искористи кризата на границата за отворено да ја критикува владата во Мадрид, обвинувајќи ја дека одбива соодветно да плаќа за сопствената безбедност и за обврските во НАТО алијансата.

Зборувајќи за актуелната состојба во Сеута, Трамп посочи дека Мадрид не ги исполнува очекувањата на Вашингтон во поглед на одбранбените трошоци.

„Шпанија ќе биде уништена земја, а и јас имав сопствени проблеми со Шпанија бидејќи таа не се однесува најдобро кога станува збор за НАТО. Не плаќаат колку што би требало да плаќаат. Тоа е многу тажно“, изјави Трамп.

Критиката доаѓа по настаните од 30 јули, кога во Сеута влегоа повеќе од 70.000 мигранти од Мароко. Иако дел од нив веќе се вратени во Мароко, илјадници лица сè уште престојуваат во градот, што предизвика сериозни безбедносни тензии и локални извештаи за зголемен број инциденти.

Конфликтот меѓу Трамп и шпанскиот премиер Педро Санчез трае уште од Самитот на НАТО во Хаг одржан во 2025 година. Тогаш 32 земји членки на Алијансата начелно се согласија до 2035 година да издвојуваат пет отсто од својот БДП за одбрана, од кои 3,5 проценти за основни воени потреби, а 1,5 проценти за придружни безбедносни трошоци.

Шпанскиот социјалистички премиер отворено му се спротивстави на ова барање. Санчез тогаш порача дека целта од пет проценти не само што би била неразумна, туку и контрапродуктивна. Мадрид во моментов ја исполнува редовната граница од два отсто, но одбива ново зголемување на јавните расходи за вооружување на сметка на социјалните програми.

Во истиот разговор, Трамп додаде дека и Велика Британија се соочува со сериозен мигрантски притисок преку Ламанш, иако оцени дека таа криза е помалку видлива од директниот пробив на границите во Сеута. Со ова, американскиот претседател повторно го врати во фокус својот познат став дека европските сојузници мора сами да ги затворат надворешните граници и драстично да ги зголемат воените буџети доколку сакаат целосна американска поддршка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс