Американскиот претседател Доналд Трамп повторно се закани со воведување високи царини, предупредувајќи дека секоја земја што ќе воведе данок на дигитални услуги за американските компании ќе се соочи со царини од 100% за целиот извоз кон САД. Во објава на социјалната мрежа Truth Social, Трамп наведе дека повеќе европски држави размислуваат за воведување ваков данок и дека некои од нив се „многу блиску“ до донесување таква одлука.
„Секоја земја што ќе воведе данок на дигитални услуги веднаш ќе се соочи со царини од 100% за сите стоки што ги извезува во Соединетите Американски Држави“, порача Трамп. Според него, овие мерки ќе имаат предност пред секој постоечки или иден трговски договор со Вашингтон, без разлика дали е потпишан или веќе се спроведува.
Заканата доаѓа само неколку дена откако францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција нема намера да го укине данокот за американските технолошки гиганти и покрај притисоците од Белата куќа. Франција од 2019 година применува данок од 3% на приходите од дигитални услуги за компании кои остваруваат повеќе од 25 милиони евра приход во Франција или над 750 милиони евра на глобално ниво.
Претходно, Трамп предупреди дека САД би можеле да воведат царини од 100% и за француските вина доколку Париз не се откаже од оваа даночна политика. Новите закани доаѓаат непосредно по одобрувањето на трговскиот договор меѓу Европската Унија и САД, со кој царините за европскиот увоз во САД се ограничени на 15%, што дополнително ги зголемува неизвесностите околу идните трговски односи меѓу двете страни.