Трамп: САД се подготвени за најголемиот напад врз Иран досега

Американскиот претседател вели дека е блиску до одлука за масовна воена операција, но предупредува дека таа би имала сериозни последици

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Вашингтон е подготвен да изврши „огромен напад“ врз Иран, кој би бил најголем од почетокот на актуелната воена ескалација во февруари. Во интервју за „Аксиос“, Трамп рече дека е блиску до конечна одлука за евентуална масовна операција.

„Тие сè уште не претрпеле доволно болка. Размислувам за огромен напад, поголем од кога било досега. Блиску сум до донесување одлука. Сите сме подготвени за тоа“, изјави американскиот претседател.

Тој сепак призна дека ваквата одлука би носела сериозни последици, поради што сè уште не дал конечна наредба.

„Не ни треба никој“, порача Трамп

Трамп изјави дека Израел би можел веднаш да се приклучи на евентуалната операција доколку биде побарано тоа, но нагласи дека САД можат да дејствуваат и самостојно.

„Израел ќе се придружи за две минути ако ги замолам. Но, не ни треба никој“, рече тој.

Американскиот претседател и претходно упатуваше закани за големи напади врз Иран и јеменските Хути, кои се вклучени во регионалната криза.

Нафтата над 100 долари поради страв од поширок конфликт

Изјавите на Трамп доаѓаат во период на растечка напнатост на Блискиот Исток, откако цената на нафтата надмина 100 долари за барел, првпат од мај. Причина за растот се стравувањата дека конфликтот може дополнително да се прошири, особено по нападите на Хутите врз саудиски танкери во Црвеното Море.

САД веќе 13 ноќи по ред изведуваат воздушни напади врз Иран, а операциите, според досегашните информации, повеќе не се ограничени само на подрачјата околу Ормускиот Теснец. Најновите закани на Трамп дополнително ја зголемуваат неизвесноста околу можниот развој на конфликтот и ризикот од поширока регионална ескалација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс