Американскиот претседател Доналд Трамп во денешниот телефонски разговор со рускиот лидер Владимир Путин побарал што побрзо завршување на војната во Украина, со цел целосна обнова на односите меѓу САД и Русија, соопшти Кремљ. Портпаролот на рускиот претседател за надворешна политика, Јуриј Ушаков, повикот го оцени како позитивен сигнал по неодамнешните разговори што американските посредници ги водеа во Москва и во Киев.
Според кабинетот на рускиот претседател, фокусот на Трамп бил ставен директно на материјалната корист од прекинот на непријателствата. Американскиот претседател проценил дека брзото дипломатско решение веднаш ќе ги отвори економските канали меѓу двете велесили.
„Доналд Трамп јасно нагласи дека сака конфликтот да заврши што е можно поскоро, што веднаш би отворило силни изгледи за целосна обнова на односите. Тоа би имало посебно влијание врз трговските и економските врски, а двете земји би имале голема корист“, изјави Ушаков пред новинарите во Москва, додавајќи дека Путин се согласил со ваквиот пристап.
За време на разговорот, Путин му ја пренел на Трамп руската проценка за состојбата на теренот во Украина, но и упатил порака наменета за европските престолнини. Како што тврди руската страна, Москва нема непријателски намери кон Европа.
Путин исто така му посочил на Трамп кои чекори треба да ги преземе Вашингтон за конфликтот да запре. Двајцата лидери постигнале согласност и за продолжување на процесот за размена на затвореници, иако конкретни детали и имиња засега не се соопштуваат.
Евентуалното затоплување на односите меѓу Вашингтон и Москва и најавата за трговски рестарт претставуваат остара пресвртница за европските сојузници. Земјите од регионот и Европската Унија, кои воведоа строги економски санкции кон Русија и претрпеа енергетски удари, сега се соочуваат со реалноста каде Вашингтон може да иницира билатерален економски договор со Москва независно од европскиот безбедносен консензус.