Трамп пред избори им дели по 90 долари на пензионерите

Белата куќа пушта две милијарди долари за сметките за здравство додека рејтингот на републиканците паѓа поради растот на трошоците за живот.
Фото: EPA/OLGA FEDOROVA

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека неговата администрација ќе исплати еднократна помош од 90 долари за повеќе од 20 милиони корисници на програмата „Медикер“ (Medicare). Оваа мерка, објавена синоќа на социјалните мрежи, треба да им помогне на повозрасните граѓани да ги покријат месечните премии за здравствено осигурување, непосредно пред клучните ноемвриски избори за американскиот Конгрес.

Средствата за исплатите нема да бидат нов буџетски товар, туку ќе се повлечат директно од фондот за унапредување на „Медикер“. За оваа намена американскиот Конгрес претходно одобри две милијарди долари. Според деталите објавени на официјалната интернет-страница на Белата куќа, најголемиот дел од пензионерите што ги исполнуваат условите парите ќе ги добијат преку директна трансакција на сметка во текот на октомври, додека останатите ќе добијат чек по пошта.

Оваа финансиска инјекција доаѓа во исклучително чувствителен политички момент. Републиканската партија на Трамп брани тесно мнозинство и во Сенатот и во Претставничкиот дом на претстојните меѓуизбори во ноември. Јавното незадоволство во САД расте поради високите животни трошоци, кои дополнително се зголемија по воениот судир на САД и Израел со Иран. Конфликтот предизвика остар скок на светските цени на нафтата и гасот, што директно удри по семејните буџети на американските гласачи.

За американските пензионери, сумата од 90 долари претставува само симболично покривање на дел од месечните трошоци во услови на зголемена инфлација. Сепак, за републиканците таа е политички инструмент насочен кон една од најдисциплинираните гласачки групи во земјата. Потегот ги отсликува напорите на Белата куќа преку директни исплати да го ублажи незадоволството на теренот пред граѓаните да излезат на гласачките места.

е-Трн да боцка во твојот инбокс