Американскиот претседател Доналд Трамп телефонски се вклучил од авионот на состанокот на европските лидери за Украина во Берлин, само неколку часа по средбата со рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг во Кина. Во разговорот тој остро го довел во прашање продолжувањето на европската воена помош за Киев и порачал дека Путин сериозно пристапува кон мировните преговори.
Трамп од авионот „Ер Форс Уан“ го повикал својот зет и специјален пратеник Џаред Кушнер, кој присуствувал на состанокот во германската престолнина. Кушнер го вклучил мобилниот телефон на спикерфон, а звукот дополнително бил засилен со микрофон за да можат сите учесници во салата да го слушнат американскиот претседател, објави германската новинска агенција ДПА.
Според тројца европски функционери кои за порталот „Политико“ зборувале под услов на анонимност, Трамп решително се спротивставил на натамошното издвојување милијарди евра за воена помош на Украина. Двајца од нив го опишале неговиот настап како остра критика против продолжувањето на финансирањето, додека третиот навел дека Трамп зборувал за големите заштеди што би се оствариле со завршувањето на војната.
Во Берлин се одржува состанок на претставници од 40 земји на досега најголемиот состанок на таканаречената Коалиција на волните, група држави кои настојуваат да обезбедат долгорочна воена и безбедносна поддршка за Украина. Домаќин на собирот беше германскиот канцелар Фридрих Мерц, а присуствуваа и францускиот претседател Емануел Макрон и украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека САД ги претставуваа специјалните пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
Европските лидери се собраа со цел да дознаат што договорил Трамп со Путин и Си во кинескиот град Шенжен, како и дали Вашингтон ќе ги поддржи нивните планови за безбедносни гаранции за Украина по евентуален прекин на огнот. Изминатите месеци европските држави го презедоа најголемиот дел од финансирањето на украинската одбрана, откако администрацијата на Трамп значително ја намали директната американска помош.
По завршувањето на состанокот, германскиот канцелар Фридрих Мерц порача дека Европа нема да прифати мировен договор за Украина постигнат без учество на Киев и европските држави.
„Преговорите можат да успеат само ако Украина и Европа заедно учествуваат во процесот. Формат налик на Јалта нема да донесе мир“, изјави Мерц, алудирајќи на конференцијата од 1945 година на која САД, Советскиот Сојуз и Велика Британија го договараа повоеното уредување на Европа.
Мерц нагласи дека европските држави ќе продолжат да ја поддржуваат Украина колку што ќе биде потребно. Средбата на Трамп, Путин и Си во Кина тој ја оцени првенствено како прилика за заедничко фотографирање, за разлика од берлинскиот состанок на кој се разговарало за конкретни мерки за помош на Украина.
