Белата куќа ги објави медицинските наоди од неодамнешниот преглед на Доналд Трамп, според кои 79-годишниот американски претседател е во „одлична здравствена состојба“ и целосно способен да ги извршува должностите како претседател и врховен командант.
Во извештајот на лекарот Шон Барбабела се наведува дека Трамп има уредна функција на срцето, белите дробови и нервниот систем, како и „многу добро општо физичко здравје“. Најголемиот дел од резултатите, според лекарот, се во нормални граници.
Благи отекувања и модринки
Во наодите се посочува дека кај Трамп има благо отекување на потколениците, состојба која, според лекарите, е подобрена во однос на претходната година. Модринките на рацете се поврзуваат со мала иритација на меките ткива поради често ракување, како и со употреба на аспирин за кардиоваскуларна превенција.
Претседателот е висок околу 190 сантиметри, тежи околу 108 килограми, има пулс од 73 отчукувања во минута и користи лекови за контрола на холестеролот.
Когнитивниот тест со максимален резултат
Според извештајот, невролошкиот преглед покажал нормална ментална состојба, а тестот за когнитивни способности Трамп го завршил со максимални 30 од 30 поени. Лекарот навел дека нема индикации за нарушувања на менталните функции.
Медицинскиот преглед беше внимателно следен од јавноста, особено по фотографии на кои се забележуваа отекување на нозете и модринки на рацете. Трамп по прегледот на Truth Social напиша дека „сè било проверено совршено“.
Дел од американските медиуми забележуваат дека во новиот извештај не се споменува причината за третманот на кожата на вратот на претседателот, ниту дали е направен нов преглед со магнетна резонанца. Трамп е најстарата личност што стапила на претседателската функција во САД.