Американскиот претседател Доналд Трамп ја обвини Кина дека украла податоци за околу 220 милиони американски гласачи и се обидела да влијае врз претседателските избори во 2020 година.
Во телевизиско обраќање од Белата куќа, Трамп најави декласификација на документи за кои тврди дека откриваат „шокантни слабости“ во американската изборна инфраструктура, пренесува Дојче веле.
Според него, кинеските власти незаконски дошле до избирачки досиеја што содржеле имиња, адреси и други лични податоци. Трамп истовремено обвини делови од американската разузнавачка заедница дека намерно ги прикривале информациите за обемот на кинеските активности.
Разузнавачките процени не ги потврдуваат тврдењата
Претходната заедничка процена на американските разузнавачки служби, објавена во 2021 година, не утврдила дека Кина се обидела или успеала да промени кој било технички дел од изборите во 2020 година – вклучително регистрацијата на гласачите, гласачките ливчиња, пребројувањето или конечните резултати.
Во извештајот било наведено дека Пекинг со години собира информации за американските гласачи, јавното мислење, партиите и политичките кандидати, но не и дека директно интервенирал во изборниот процес.
Дел од објавените документи се силно редактирани, а според американските медиуми, тие не нудат јасен доказ дека Кина ги променила гласовите или изборниот резултат.
Пекинг ги отфрла обвинувањата
Кинеската амбасада во Вашингтон ги отфрли обвинувањата, нагласувајќи дека Кина никогаш не се мешала и нема намера да се меша во американските претседателски избори.
Новите тврдења на Трамп би можеле дополнително да ги оптоварат односите меѓу Вашингтон и Пекинг, особено во период кога двете сили се обидуваат да ја одржат кревката трговска и дипломатска стабилност.
Обраќањето доаѓа и неколку месеци пред изборите за Конгресот, во политички тежок период за Трамп и Републиканската партија. Американскиот претседател повторно побара усвојување построги правила за идентификација на гласачите и докажување американско државјанство при регистрацијата.
Извор: Дојче веле