Американскиот претседател Доналд Трамп најави нова операција со цел повторно отворање на Ормускиот Теснец за бродски сообраќај, што дополнително ги засили тензиите меѓу САД и Иран.
Според американските тврдења, САД погодиле седум ирански брзи чамци, откако претходно најавиле дека ќе им помогнат на заглавените бродови да излезат од Ормускиот Теснец. Во меѓувреме, биле погодени и неколку трговски бродови, додека Вашингтон и Техеран продолжуваат да разменуваат обвинувања за контролата врз овој клучен поморски правец.
Трамп го нарече конфликтот со Иран „мини-војна“ и оцени дека операцијата се одвива добро.
„Не можеме да дозволиме Иран да има нуклеарно оружје. Достигнавме нови максимуми. Реков дека мора да се грижиме за бизнисот бидејќи тоа не може да се случи. Тие немаат морнарица, воздухопловни сили, немаат противвоздушна опрема. Немаат радар. Немаат ништо. Всушност, немаат лидери“, изјави Трамп.
Иранската револуционерна гарда, пак, тврди дека ја контролира Ормускиот Теснец и дека секој брод што сака да помине мора прво да добие дозвола од иранските вооружени сили.
„Во оваа област, секој брод кој сака да помине, мора да го направи тоа со дозвола од вооружените сили на Исламската Република за да биде безбеден. Со секој брод што му припаѓа на непријателот и се обидува да помине ќе се постапи решително“, изјави Јадолах Џавани од Иранската револуционерна гарда.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, ги предупреди САД да не ја решаваат кризата со воен пристап.
„Проектот Слобода е Проект Ќорсокак“, напиша Арагчи.
Иран има интерес да ја извезува својата нафта преку Ормускиот Теснец, но останува спорно кои бродови треба да смеат да поминуваат низ овој воден пат и кој треба да го контролира.
Повторното отворање на Ормускиот Теснец, кој е еден од најважните правци за глобалната трговија со нафта, е една од главните пречки во преговорите меѓу САД и Иран, заедно со прашањето за иранската нуклеарна програма.