Исланд во сабота ќе гласа дали да ги обнови преговорите за членство во Европската унија, а референдумот се одржува во чувствителен момент за земјата. Заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на Гренланд дополнително ја засилија дебатата за безбедноста, суверенитетот и иднината на Исланд.
Трамп во текот на годинава во неколку наврати го споменувал Исланд наместо Гренланд, што предизвикало дополнителна загриженост во земјата со околу 400.000 жители. За дел од Исланѓаните, американските изјави покажале дека досегашните безбедносни гаранции не треба да се земаат здраво за готово.
„Повеќе всушност не можеме да им веруваме на САД“, вели исландската писателка Хилдур Кнутсдотир, која ќе гласа за продолжување на преговорите со ЕУ.
Не се гласа директно за членство
Исланѓаните на референдумот нема директно да одлучуваат дали сакаат да станат членка на ЕУ. Прашањето е дали земјата повторно треба да ги отвори пристапните преговори. Доколку мнозинството гласа „за“, би следеле повеќегодишни преговори со Европската комисија. Дури потоа граѓаните би имале можност на нов референдум да донесат конечна одлука за членството.
Исланд веќе е тесно поврзан со европскиот блок. Земјата е дел од Европскиот економски простор и Шенген-зоната, а истовремено е членка на НАТО. Противниците на членството сметаат дека Исланд веќе ги користи најголемите предности од европската интеграција, без да се откаже од дел од својата политичка самостојност.
Рибарството е најголемата пречка
Едно од клучните прашања во дебатата е контролата врз риболовот. Рибарството има огромно економско и стратешко значење за Исланд, а евроскептиците стравуваат дека членството би можело да значи отворање на исландските риболовни подрачја за флоти од други земји членки.
Министерката за надворешни работи Þorgerður Katrín Gunnarsdóttir, која го поддржува членството, уверува дека Исланд нема да прифати договор со кој би го изгубил суверенитетот врз сопствените риболовни ресурси.
Сепак, претставници на рибарската индустрија предупредуваат дека целосно изземање на Исланд од заедничката европска риболовна политика би било тешко да се обезбеди.
Исланд веќе еднаш ги прекина преговорите
Исланд првпат поднесе барање за членство во ЕУ во 2009 година, по големата финансиска и банкарска криза. Пристапните преговори започнаа, но беа прекинати во 2013 година по доаѓањето на нова влада, а процесот формално беше завршен во 2015 година.
Сега повторно се отвора истото прашање, но во сосема поинаква геополитичка ситуација.
Трамп го забрза процесот
Владата на премиерката Криструн Фростадотир првично планирала референдумот да се одржи подоцна, но терминот е поместен поради зголемената загриженост предизвикана од изјавите на Трамп за Гренланд.
Вашингтон се обидел да ги увери исландските власти дека кога американскиот претседател во неколку наврати го споменувал Исланд, всушност мислел на Гренланд. Дополнителна реакција предизвика и американскиот амбасадор во Рејкјавик, Вилијам Лонг, кој претходно се пошегувал дека Исланд би можел да стане 52-та американска сојузна држава, а тој нејзин гувернер. Подоцна се извини, но илјадници Исланѓани потпишаа петиција против неговото именување.
За Исланд, референдумот затоа не е само прашање за Европската унија. Во неговата позадина се наоѓаат и прашањата за безбедноста, суверенитетот, контролата врз природните ресурси и позицијата на земјата во сè понестабилниот северноатлантски регион.