Норвешка нема намера да го запре истражувањето и експлоатацијата на нафта и гас во Баренцовото Море, и покрај ставот на Европската Унија за мораториум на нови енергетски проекти на Арктикот. Норвешкиот министер за енергетика Терје Осланд порача дека неговата земја ќе продолжи со развојот на ресурсите во Баренцовото Море, оценувајќи дека тоа е во интерес и на Норвешка и на Европа.
Норвешка денес обезбедува околу 30 отсто од природниот гас потребен за ЕУ и Велика Британија, откако по руската инвазија врз Украина стана најголем европски снабдувач со гас. Осланд најави дека Норвешка планира да го задржи производството и извозот на нафта и гас на сегашното ниво најмалку до 2035 година, а Арктикот е клучен дел од таа стратегија.
Брисел, од друга страна, поддржува ограничување на новите нафтени и гасни активности на Арктикот поради еколошките ризици. Норвешката влада, сепак, смета дека развојот на ресурсите во Баренцовото Море е нејзино суверено право.
„Ако Норвешка сака да остане долгорочен снабдувач на Европа со нафта и гас, Арктикот мора да биде дел од таа приказна“, порача министерот.
Истовремено, Осланд се дистанцираше и од досегашната идеја Норвешка да биде „зелена батерија на Европа“, оценувајќи дека концептот е надминат. Најави дека земјата нема да гради нови интерконектори за електрична енергија, иако ќе продолжи со енергетската соработка со Европа.
Норвешка, со тоа, испраќа јасна порака до Брисел: енергетската безбедност и сопствените ресурси ќе имаат предност пред европските планови за ограничување на новите активности на Арктикот.