Трамп го прогласи фентанилот за оружје за масовно уништување

Белата куќа со извршна уредба го изедначи нелегалниот опиоид со хемиско оружје и најави остри безбедносни и воени мерки

Американскиот претседател Доналд Трамп со извршна уредба официјално го означи опиоидот фентанил како оружје за масовно уништување, оценувајќи дека неговoтo нелегалнo производство и дистрибуција претставуваат директна закана за националната безбедност на Соединетите Американски Држави. Одлуката беше објавена од Белата куќа и веднаш предизвика силни реакции во меѓународната јавност.

Во текстот на уредбата се наведува дека нелегалниот фентанил е „поблизок до хемиско оружје отколку до наркотик“, нагласувајќи дека доза од само два милиграма, количина речиси невозможно да се детектира, е смртоносна. Според податоците наведени во документот, стотици илјади Американци починале од предозирање со фентанил, што ја прави оваа супстанца една од најсмртоносните закани за јавното здравје во земјата.

Администрацијата на Трамп тврди дека зад производството и трговијата со фентанил стојат организирани криминални мрежи, нарко-картели и, како што се наведува, „странски терористички организации“. Во уредбата се посочува дека најмалку два картела, кои доминантно ја контролираат дистрибуцијата на фентанил во САД, се вклучени во вооружени судири за територија, што резултира со насилство и смрт кои ја надминуваат самата закана од дрогата.

Посебно загрижувачки, според Белата куќа, е потенцијалот фентанилот да биде искористен како средство за големи терористички напади против САД. Токму поради тоа, уредбата предвидува итни мерки: федералниот јавен обвинител да започне проширени истраги за дистрибуцијата на фентанил, додека министерствата за надворешни работи и финансии да преземат чекори против финансиските институции и имотот поврзан со трговијата со оваа супстанца.

Во документот се наведува и дека Министерството за одбрана, кое администрацијата на Трамп симболично го преименува во „Министерство за војна“ – треба, во координација со Стејт департментот, да ги ревидира воените директиви за постапување при „хемиски инциденти“ поврзани со фентанил.

Според анализите на Financial Times, фентанилот минатата година бил главната причина за смрт од предозирање во САД, што Трамп го користи како аргумент за оправдување на воена кампања против бродови осомничени за транспорт на дрога во Карипското Море и источниот Пацифик. Во тие операции, според официјални податоци, досега загинале најмалку 87 лица во 22 напади.

Администрацијата тврди дека САД се во „вооружен судир“ со нарко-картелите и го обвинува венецуелскиот претседател Николас Мадуро дека го предводи нарко-картелот Cartel de los Soles, кој неодамна беше прогласен за странска терористичка организација.

Фентанилот останува и една од најспорните точки во односите меѓу САД и Кина. Пекинг ги отфрла американските обвинувања дека фентанилот доаѓа од Кина, оценувајќи ги како дезинформации и политички притисок. Кинеското Министерство за надворешни работи обвини дека Вашингтон го користи прашањето за фентанил како изговор за зголемување на царините и економски притисок.

И покрај тензиите, на почетокот на ноември двете земји постигнаа договор со кој САД се обврзаа да ги намалат царините за кинескиот увоз, а Кина да преземе „значајни чекори“ за спречување на протокот на фентанил кон американскиот пазар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс