Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја отвори дебатата за електричните возила во САД, овојпат со остри коментари за возачите кои стравуваат дека батеријата ќе им се испразни пред да стигнат до станица за полнење.
За време на говор во Лас Вегас, Трамп зборуваше за таканаречената „вознемиреност поради дометот“ – страв кај дел од сопствениците на електрични автомобили дека нема да имаат доволно енергија за да стигнат до следниот полнач.
„Возат и сфаќаат дека батеријата им се празни, а за тоа почнуваат да размислуваат уште кога е на три четвртини. Малку ќе се испразни и веднаш се прашуваат: ‘Каде ќе одам сега?’ Потоа возите по автопат и гледате знак – полнач за електрични возила, десно, 89 милји. Тие луѓе се луди“, рече Трамп.
Тој во говорот повторно тврдеше дека ја укинал таканаречената „обврска“ за електрични возила. Сепак, не стануваше збор за федерален закон што ги обврзувал Американците да купуваат исклучиво електрични автомобили, туку за регулативи и стандарди за емисии кои ја поттикнуваа автомобилската индустрија кон поголема електрификација.
Трамп го спомена и Илон Маск.
„Не сакам премногу да зборувам за тоа, бидејќи Илон не беше баш воодушевен од мене, но морав да го направам тоа. Го сакаме Илон“, рече тој.
И покрај критиките, Трамп истакна дека ги сака електричните автомобили, но повторно го потенцираше значењето на американските резерви на нафта и природен гас.
САД ја менуваат политиката кон електричните возила
Во вториот мандат на Трамп, американската политика кон електричните возила претрпе значителни промени во однос на претходната администрација.
Администрацијата презеде чекори за ублажување или укинување на дел од правилата за емисии и ефикасност на горивото, кои создаваа дополнителен притисок врз автомобилските производители да го зголемат уделот на електрични возила.
Претходните стандарди предвидуваа значително намалување на емисиите од патничките возила до 2032 година. Тие не наложуваа директно граѓаните да купуваат електрични автомобили, но во практика требаше да доведат до значително поголем удел на електрични модели меѓу новопродадените возила.
Со последните изјави на Трамп, електричните автомобили повторно се најдоа во центарот на американската политичка дебата, во која се судираат прашањата за климатската политика, автомобилската индустрија, цената и достапноста на возилата и инфраструктурата за нивно полнење.