Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека разговорите меѓу САД и Иран се одвиваат „добро“ и дека постои можност за постигнување договор, но истовремено предупреди дека Вашингтон би можел повторно да преземе воени дејствија доколку дипломатијата не даде резултати.
Трамп рече дека привремено ги запрел нападите за да ѝ даде шанса на дипломатијата, додавајќи дека Соединетите Држави продолжуваат тесно да се координираат со Израел.
Од друга страна, Техеран ги отфрли тврдењата дека иницирал продолжување на разговорите со Вашингтон и порача дека неговата позиција останува непроменета. Иранските власти повторно ја критикуваа поддршката што некои земји им ја даваат на американските воени операции.
Иранскиот врховен лидер Моџтаба Хамнеи повторно ја изрази поддршката за Хезболах, оценувајќи дека отпорот е единствениот пат, а како услов за каков било иден договор побара Израел да ги запре воените операции во Либан.
Во меѓувреме, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху отпатува во Вашингтон на разговори со Трамп. Според израелскиот Канал 12, Израел во пресрет на средбата ја забрзал одлуката за почетно распоредување на меѓународни сили во Појасот Газа.
Во исто време, високиот комесар на Обединетите нации за човекови права Фолкер Тирк предупреди дека одредени израелски акции во Либан би можеле да претставуваат воени злосторства.
И покрај сигналите за можен дипломатски напредок, односите меѓу Вашингтон и Техеран остануваат напнати, а двете страни продолжуваат да разменуваат остри пораки додека воената опција сè уште не е исклучена.