Трамп барал Венецуела и Ирак да ја напуштат ОПЕК, тврди „Ројтерс“

Администрацијата на американскиот претседател, според десет извори запознаени со случајот, ги поттикнувала двете земји да го напуштат нафтениот картел, а на Венецуела ѝ било оневозможено да ја плати годишната членарина.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп претходно годинава ги поттикнувала Венецуела и Ирак да размислат за напуштање на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), а воедно ја спречила јужноамериканската држава да ја плати годишната членарина на организацијата. Ова го објави „Ројтерс“, повикувајќи се на десет лица запознаени со прашањето.

Венецуела и Ирак се две од петте основачки членки на ОПЕК, организација формирана со цел заедничко координирање на нафтениот пазар и спречување еднострани потези на поединечни производители на овој енергент. Новите информации откриваат директен притисок од администрацијата на Трамп врз организацијата, која американскиот претседател долго време ја обвинува дека вештачки ги одржува високите цени на нафтата.

Обединетите Арапски Емирати ја напуштија ОПЕК во април. Американскиот министер за енергетика Крис Рајт тогаш, од Дубровник, каде што се одржуваше самитот на Иницијативата „Три мориња“, изјави дека САД не влијаеле врз таа одлука.

Вашингтон барал зголемување на производството на нафта

Во периодот кога американските претставници ги повикувале Венецуела и Ирак да ја напуштат организацијата, истовремено се залагале за зголемување на производството на нафта и поголеми инвестиции во двете земји. Некои од нив сметале дека ограничувањата на производството што ги наметнува ОПЕК би можеле да ги попречат тие планови, наведуваат изворите на „Ројтерс“.

Притисокот врз Венецуела отишол толку далеку што во текот на летото морал да интервенира и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, кој ја убедувал администрацијата на Трамп да престане да инсистира на ова прашање, откриле две лица запознаени со ситуацијата.

Ирачкиот премиер Али Фалех ал-Заиди, пак, на владина седница во текот на летото ја отворил можноста за напуштање на ОПЕК, откако претходно разговарал со американски претставници кои ја поттикнувале таа идеја, тврдат два извора. Ирачкото Министерство за нафта се спротивставило на предлогот и го советувало ал-Заиди земјата да остане во организацијата, а наместо тоа да побара поголема производствена квота, пренесува „Ројтерс“.


САД имаат значително влијание врз двете земји. Вашингтон го контролира пристапот на Венецуела до државните средства по соборувањето на Николас Мадуро во јануари, додека приходите на Ирак од нафта и понатаму минуваат преку сметка во САД – механизам што потекнува од инвазијата врз Ирак во 2003 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс