ФДУ и пет жени зад камерата: за борбата на режисерките да бидат слушнати

На панелот беа презентирани бројки што тежат како камен: само еден од четири филмови во Европа е режиран од жена, во Холивуд, во речиси три децении, процентот на жени режисерки кај најпрофитабилните филмови пораснал за едвај четири процентни поени, а на Оскарите светот чекал 81 година за една жена конечно да ја освои златната статуетка за најдобра режија.

Во организација на Амбасадата на Грција во Северна Македонија и Факултетот за драмски уметности, а во соработка со Универзитетот „Еуропа Прима“, вчера на Факултетот за драмски уметности во Скопје, под пригушени светла и во атмосфера на тивко исчекување, пет жени седнаа една до друга. Иако доаѓаа од различни генерации и од две соседни земји – Грција и Северна Македонија – ги поврзуваше истата невидлива нишка: љубовта кон филмот и тивката, упорна борба нивниот глас да биде слушнат зад камерата.

На панелот беа презентирани бројки што тежат како камен: само еден од четири филмови во Европа е режиран од жена, во Холивуд, во речиси три децении, процентот на жени режисерки кај најпрофитабилните филмови пораснал за едвај четири процентни поени, а на Оскарите светот чекал 81 година за една жена конечно да ја освои златната статуетка за најдобра режија. Но дискусијата не беше посветена на поразителната статистика, туку на оние што одбиваат да бидат само бројка.

Прва проговори професорката Бети Какламаниду од Солун, жена која си поставила животна мисија да ја исправи историската неправда. Таа ја раскажа приказната за Марија Плита, првата грчка филмска режисерка, која во 50-тите и 60-тите години снимила дури седумнаесет играни филмови, а сепак била избришана од официјалните книги и етикетирана само како „Б-режисерка“. Бети се присети на 2021 година, кога среде пандемијата собрала група студенти и тргнала во потрага по заборавеното дело на Плита. Резултатот од таа двегодишна посветеност бил реставрираниот филм „Ева“ од 1953 година – приказна за бескомпромисна жена која сака да пие вода кога е жедна и си заминува среде состанок кога не ѝ се останува, оживеана преку кадри што никој не ги видел повеќе од седум децении.

Од минатото, разговорот се префрли во сегашноста, каде што борбата има поинакво, поприкриено лице. Грчката режисерка Константина Коцамани ја одведе публиката на снимањето на својот прв игран филм „Титаник Оушн“ во далечната Јапонија. Таму, меѓу подводните сцени и строгата традиционална хиерархија, таа се соочила со ѕид од молк. Екипата на почетокот не ја слушала и не ја гледала в очи, бидејќи не била навикната жена да раководи. Морала да комуницира преку својот француски директор на фотографија за снимањето да може да продолжи. Но најголемото откритие не ѝ се случило во Јапонија, туку по враќањето во Европа. Тука ги препознала истите двојни стандарди, само малку позавиени: кога маж вика на сет, тој е моќен лидер, а кога жена ќе го крене гласот, таа е хистерична.

Дека жените денес снимаат похрабри филмови од мажите потврди и Ана Опачиќ, режисерка, професорка, организаторка на фестивали и, како што самата со насмевка додаде на почетокот, мајка. Таа раскажа дека во нејзиниот фестивалски тим речиси сите се жени, но и како нејзината камера се свртела кон оние што општеството најчесто ги прави невидливи – старите луѓе. Инспирирана од записите на Мишел Уелбек за осаменоста и табуата поврзани со староста, Ана потсети дека филмот не е само забава, туку и прозорец преку кој светот учи да ги види и разбере заборавените.

Потоа зборот го зедоа двете македонски авторки, носејќи ја суровата искреност на нашето поднебје. Марија Апчевска, режисерката на филмот „Северен пол“, зборуваше за невидливите кафези во кои индустријата се обидува да ги затвори женските авторки. Таа предупреди на стапицата наречена „женски поглед“ – етикета што навидум звучи како комплимент, но често служи за да им се каже на жените дека треба да се држат до „мали“, интимни приказни и улоги на вечни жртви, додека големите буџети и приказните со машки херои остануваат туѓа територија. „Секој нов филм е почеток од нула“, рече Марија, потсетувајќи дека дури и по меѓународните успеси, жените мораат одново да се докажуваат, одбивајќи да снимаат според квоти и минливи трендови.

На крајот, најмладата меѓу нив, Косара Митиќ, ја сподели својата седумгодишна одисеја до првиот долгометражен филм. Почнала во 2016 година, потресена од една вест што ја натерала да се запраша во каков систем живееме. Со години тропала на врати и слушала ветувања дека треба да почека „уште една или две години“, сè додека не го адаптирала сценариото и не успеала да го сними филмот, кој подоцна стана македонски кандидат за Оскар. Но најтешкиот дел не биле ниту парите ниту чекањето, туку аудициите. Седум години по нејзината првична идеја, пред неа седнале млади девојки со приказни за насилство, тајни бремености за кои не знаеле ниту нивните родители и абортуси за кои молчеле. Стигмата на Балканот, заклучи Косара, сè уште живее во молкот.

Кога дискусијата заврши, во салата остана да лебди една едноставна, но моќна мисла: работата на еден филм трае пет, шест или седум години и засекогаш го менува животот на оној што го создава. Затоа, единствениот пат што вреди да се изоди е патот на личната, непоткуплива вистина – приказната што мора да се раскаже, без разлика кој седи од другата страна на камерата.


На Фестивалот на грчки филм во Скопје, синоќа ексклузивно беше прикажан филмот „Ева“, во режија на Марија Плита, првата жена режисерка во Грција. Кога филмот бил прикажан во Грција во 1953 година, бил оценет како смела мелодрама. Со текот на времето целосно исчезнал од филмската историја, заедно со неговата режисерка, а по повеќе од седумдесет години се враќа како повторно откриено дело на филмскиот модернизам и редок пример на раното женско авторство во повоената европска кинематографија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс