Академикот Радомир Саичиќ е претседателски кандидат на студентите во Србија

Редовниот професор на Хемискиот факултет во Белград ќе учествува на изборите закажани за 27 декември 2026 година со порака за заедништво.

Академикот Радомир Саичиќ, редовен професор на Хемискиот факултет во Белград, е претседателскиот кандидат зад кој застанаа студентите во блокада во Србија за претстојните избори. Кампањата под слоганот „Саичиќ за претседател“ беше објавена на официјалниот инстаграм-профил на студентското движење, со фокус на враќање на довербата и еднаквоста меѓу граѓаните пред изборното соочување закажано за 27 декември 2026 година.

Во писменото обраќање до јавноста, студентите наведуваат дека пред граѓаните излегуваат со едно име, но дека патот до овој чекор го поминале заедно со сите луѓе кои верувале дека Србија може и заслужува подобро. Тие порачуваат дека сакаат претседател пред кого секој човек ќе биде еднакво вреден и чии врати ќе бидат отворени и за оние кои мислат поинаку.

На промотивниот постер е претставен академик Радомир Саичиќ, кој работи како редовен професор на Хемискиот факултет при Универзитетот во Белград. Како член на Српската академија на науките и уметностите и долгогодишен научен работник, тој влегува во трката за шеф на државата без претходна партиска инфраструктура.

На визуелното решение доминираат темноцрвени тонови со силуета на државниот грб и зградата на институциите во заднина. Во самиот слоган „Саичиќ за претседател“, буквата „Е“ е стилизирана во боите на српското знаме.

Клучниот политички став во соопштението на студентите е насочен против персонализираното владеење во државата.


„Судбината на Србија не смее да припаѓа на еден човек. Таа припаѓа на сите нас. Затоа денес пред вас е едно име, еден кандидат, но во неговата кандидатура е цела Србија“, стои во објавата на студентите во блокада, која завршува со пораката дека студентите повторно победуваат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс