Шпанскиот банкар Пабло Ернандез де Кос е предложен за наследник на Кристин Лагард на чело на Европската централна банка (ЕЦБ). Европскиот совет на 26 ноември го поддржа неговото назначување, со што тој е на пат да стане првиот Шпанец на чело на една од највлијателните централни банки во светот. Пред формалното назначување следуваат консултации со Европскиот парламент и Управниот совет на ЕЦБ. Се очекува функцијата да ја преземе на 7 февруари 2027 година, кога Лагард ќе замине од позицијата.
Економист од Мадрид со речиси три децении искуство во централното банкарство
Ернандез де Кос е роден на 20 јануари 1971 година во Мадрид. Во 1993 година дипломирал економски и бизнис науки на Универзитетотскиот колеџ за финансиски студии (CUNEF), а во 2004 година докторирал економија на Универзитетот Комплутенсе во Мадрид. Има и диплома по право од Националниот универзитет за образование на далечина (UNED). Речиси целата професионална кариера ја поминал во централното банкарство. Во Банката на Шпанија започнал да работи во 1997 година, а во текот на годините заземал повеќе раководни позиции. Бил и советник на Извршниот одбор на ЕЦБ.
Во јуни 2018 година станал гувернер на Банката на Шпанија, функција што ја извршувал до јуни 2024 година. Во тој период бил и член на Управниот совет на ЕЦБ, а од 2019 до 2024 година претседавал со Базелскиот комитет за банкарска супервизија – меѓународно тело што ги утврдува стандардите за надзор и стабилност на банките.
Од 1 јули 2025 година е генерален директор на Банката за меѓународни порамнувања (БИС) во Базел, со петгодишен мандат. Оваа институција често се нарекува „банка на централните банки“, бидејќи служи како форум за соработка меѓу монетарните власти од различни земји. Во медиумските анализи Ернандез де Кос најчесто е опишуван како технократ, со професионална кариера во институциите на централното банкарство, без значајно политичко минато. Неговото искуство опфаќа монетарна политика, финансиска стабилност и меѓународна банкарска регулатива.
Како ја доби поддршката и што се очекува од него
Главен противкандидат во трката беше поранешниот гувернер на холандската централна банка, Клас Кнот. По преговорите меѓу европските лидери, Холандија се повлече од трката со својот кандидат, отворајќи го патот за Ернандез де Кос. Договорот беше дел од поширок пакет за распределба на важни позиции во Извршниот одбор на ЕЦБ. Европскиот совет ги предложи и Французинката Лоренс Бун и Германецот Маркус Брунермаер за членови на одборот, на местата на Изабел Шнабел и Филип Лејн.
Сепак, изборот на новиот претседател сè уште не е формално завршен. Европскиот совет треба да се консултира со Европскиот парламент и Управниот совет на ЕЦБ пред да ја донесе конечната одлука. Мандатот на претседателот трае осум години и не може да се обнови.
Ернандез де Кос се смета за кандидат на континуитетот во монетарната политика. Во анализите се опишува како прагматичен и релативно флексибилен во однос на каматните стапки, но со поизразен акцент на фискалната дисциплина и одржливоста на јавниот долг. Еден од првите предизвици ќе му биде инфлацијата во еврозоната. Според податоците објавени во ноември, таа достигнала 4 отсто, речиси двојно повеќе од целта на ЕЦБ од 2 отсто. Во такви околности, одлуките за каматните стапки ќе бидат особено важни за економиите што го користат еврото.
Четворицата претседатели пред него: од Дуизенберг до Лагард
Ернандез де Кос ќе биде петтиот претседател на ЕЦБ од нејзиното основање во 1998 година. Пред него, институцијата ја водеа Вим Дуизенберг, Жан-Клод Трише, Марио Драги и Кристин Лагард. Холанѓанецот Вим Дуизенберг беше првиот претседател на ЕЦБ. Ја презеде функцијата во 1998 година, а во текот на неговиот мандат еврото беше воведено како безготовинска валута во 1999 година, а потоа и како банкноти и монети во 2002 година.
Французинот Жан-Клод Трише го наследи во 2003 година и ја водеше банката низ светската финансиска криза од 2008 година. Италијанецот Марио Драги ја презеде функцијата во 2011 година, во периодот на должничката криза во еврозоната. Во јули 2012 година ја даде познатата изјава дека ЕЦБ ќе направи „сè што е потребно“ за да го зачува еврото. Изјавата имаше силен ефект врз финансиските пазари и стана една од најпрепознатливите пораки во историјата на институцијата.
Кристин Лагард, поранешна француска министерка за финансии и директорка на Меѓународниот монетарен фонд, ја презеде функцијата во ноември 2019 година. Таа беше првата жена на чело на ЕЦБ. Нејзиниот мандат го одбележаа пандемијата, економските последици од руската инвазија врз Украина и инфлацискиот бран по 2022 година, по кој банката ги зголеми каматните стапки по долг период на ниски и негативни стапки. Лагард најави дека ќе се повлече на 7 февруари 2027 година, пред истекот на нејзиниот осумгодишен мандат, кој требаше да заврши на 31 октомври истата година. Нејзиното предвремено заминување овозможи процесот за избор на наследник да започне порано.
Зошто изборот е важен и за Македонија
Одлуките на Европската централна банка не се однесуваат директно на Македонија, но имаат значајно влијание врз домашната економија. Денарот одржува стабилен курс во однос на еврото, а Народната банка ја води монетарната политика земајќи ги предвид движењата во еврозоната.
Промените на каматните стапки на ЕЦБ влијаат врз финансиските услови во Европа, а преку нив и врз цената на финансирањето, кредитите и движењето на капиталот во регионот. Затоа насоката на монетарната политика што ќе ја застапува новиот претседател е важна и за македонската економија.
