Хибридниот документарен филм „Неколку споменици повеќе, неколку луѓе помалку“ на Анета Лешниковска е избран за програмата Darkroom на 56. издание на Меѓународниот филмски фестивал во Ротердам (IFFR), кој ќе се одржи од 28 јануари до 7 февруари 2027 година.
Darkroom е меѓународна платформа на IFFR наменета за долгометражни филмови во завршна фаза на реализација. Секоја година програмата претставува куриран избор од само 10 филмски проекти од целиот свет, поврзувајќи ги авторите со меѓународни филмски професионалци и отворајќи можност нивните филмови да бидат претставени пред селектори и дистрибутери од меѓународната филмска индустрија. Во 2023 година, Лешниковска со овој проект беше избрана во програмата за развој во рамки на фестивалот за документарен филм „Визии на реалноста“ (Visions du Réel) во Нион, Швајцарија, еден од најголемите во Европа.
Дваесет години по филмот „Боли ли? “– Првата балканска догма, Лешниковска повторно ги обединува Игор Џамбазов, Дејан Лилиќ, Амернис Нокшиќи, Даниела Ивановска и Висар Вишка. Во центарот на новиот филм е една вечера во Скопје, околу која наративно и визуелно се испреплетуваат сеќавањата, отсуството, тагата и променливата општествена реалност, отворајќи дијалог меѓу минатото и сегашноста.
Изборот во програмата Darkroom претставува значаен чекор во меѓународната афирмација на овој македонски филм и неговото претставување пред меѓународната филмска јавност.
Проектот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија и Холандскиот филмски фонд.
