Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп побара од Врховниот суд на САД да ѝ дозволи да ја спроведе извршната уредба со која се воведуваат нови ограничувања и проверки при гласањето по пошта, откако пониските судови ја блокираа нејзината примена во речиси 20 сојузни држави.
Барањето е поднесено само неколку месеци пред изборите за Конгресот, а администрацијата бара итна одлука со која привремено би се укинале пресудите на пониските судови.
Извршната уредба, потпишана во март, предвидува Поштенската служба на САД (USPS) и Министерството за внатрешна безбедност (DHS) да добијат поголема улога во проверката на избирачките списоци, со цел откривање лица кои немаат американско државјанство. Според предлогот, државите би требало да ги доставуваат списоците на гласачи по пошта до USPS, која не би смеела да испраќа гласачки ливчиња до лица што не се на тие списоци.
Уредбата предвидува и задолжителна употреба на индивидуални баркодови за следење на гласачките пратки, како и построго федерално гонење на изборни службеници кои би испраќале или примале ливчиња од лица без право на глас.
Иако неодамна во Њу Џерси биле откриени околу 400 случаи на неправилно гласање од лица без државјанство, судските документи наведуваат дека администрацијата не понудила докази за широко распространета изборна измама што би можела да влијае врз изборните резултати.
Извршната уредба ја оспоруваат 23 сојузни држави предводени од демократите, кои тврдат дека американскиот Устав организацијата на изборите главно им ја доверува на државите, а не на федералната власт. Од друга страна, 12 држави со републиканско раководство се приклучија во одбрана на мерките.
Федерален окружен суд претходно ја блокираше примената на уредбата за овогодишните избори, а Апелацискиот суд во Бостон ја потврди таа одлука. Иако пресудата формално важи само за државите што ја поднесоа тужбата, во пракса таа ја спречува Поштенската служба да ги спроведе новите насоки на национално ниво.
Врховниот суд побара одговор од страните во спорот до 3 август, по што ќе одлучува дали привремено ќе ја деблокира примената на спорната уредба.