Удар врз глобалното здравство: Трамп им ја затвори вратата на американските епидемиолози за соработка со СЗО

Новата директива на Белата куќа им забранува на водечките американски здравствени институции директен контакт со Женева, претворајќи дел од научниците во „слушатели“ на меѓународните состаноци.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп им забранила на клучни здравствени службеници задолжени за заразни болести директно да комуницираат со претставници на Светската здравствена организација. Како што објави Си-Ен-Ен, ваквата одлука практично го ограничува учеството на американските експерти во дел од глобалните дискусии за следење и сузбивање на опасни епидемии.

Според директивата на која се повикува американската телевизија, забраната се однесува на вработени во Националниот институт за алергии и заразни болести, една од најважните американски институции во борбата против заразни болести. Институтот со децении го предводеше д-р Ентони Фаучи, кој беше меѓу клучните лица во креирањето здравствени политики при големи јавноздравствени кризи, од ХИВ/СИДА до Ковид-19.

Институтот на Фаучи ставен зад административна рампа

Ограничувањето било воведено во период на појава на хантавирус, а дел од мерките подоцна биле делумно олабавени по информациите за епидемија на ебола во Демократска Република Конго. Но, според извештајот, суштината на рестрикцијата останала: американските експерти повеќе не можат самостојно и директно да комуницираат со СЗО.

Во моментов, на мал број американски службеници им е дозволено да присуствуваат на состаноци на Светската здравствена организација, но главно како „слушатели“. Тоа значи дека можат да следат што се разговара, но не и слободно да учествуваат во размена на информации, научни проценки или официјални ставови.

Секој одговор од американска страна мора да помине низ хиерархијата на Министерството за здравство на САД. Во време кога епидемиите се шират брзо, ваквата процедура може да значи изгубено време, а кај заразните болести, времето често е најважниот ресурс.

Кога вирусите не чекаат дозвола од политика

Повеќе сегашни и поранешни здравствени функционери за Си-Ен-Ен предупредиле дека оваа политика може сериозно да ја отежни брзата меѓународна координација при нови епидемии. Наместо директна комуникација меѓу научници, лаборатории и здравствени институции, информациите сега мора да поминуваат низ политички и административни филтри.

Проблемот не е само дипломатски. Светската здравствена организација функционира како централна точка за размена на информации во здравствени кризи, особено кога станува збор за нови вируси, епидемии и ризици што можат брзо да преминат граници. Ако една од најмоќните здравствени инфраструктури во светот го ограничува своето учество, последиците може да се почувствуваат многу подалеку од Вашингтон.

Според извештајот, оваа политика е дел од пошироката одлука на администрацијата на Трамп за повлекување на САД од меѓународни здравствени форуми. Во исто време, се спомнува и институционален вакуум во неколку клучни американски здравствени агенции, што дополнително ја отвора дилемата дали светот влегува во нова сезона на епидемии со послаба глобална координација.

Пандемијата со Ковид-19 веќе покажа колку скапо може да чини доцнењето со информации, неусогласените политики и политизирањето на науката. Затоа одлуката американските епидемиолози да бидат ставени на дистанца од СЗО не е само внатрешна американска политика, туку прашање за глобалната здравствена безбедност.

Кога вирусите се движат побрзо од дипломатските протоколи, секоја блокирана линија на комуникација може да стане ризик. А во свет што сè уште ги памети последиците од последната пандемија, прашањето не е дали науката треба да зборува со светот, туку што се случува кога политиката ќе ѝ ја затвори вратата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс