Трагедија за време на славјето: Загина 13-годишно момче по уривање на фонтана во Шпанија

Еуфоријата по светската титула на Шпанија се претвори во трагедија во Сиудад Родриго, каде што се урна дел од фонтана полна со навивачи. Загина 13-годишно момче, а неколку лица се повредени.

Прославата на титулата на Шпанија на Светското првенство заврши трагично во градот Сиудад Родриго, околу 320 километри северозападно од Мадрид, каде што загина 13-годишно момче по уривање на фонтана преполна со навивачи.

Според шпанската јавна телевизија RTVE, голем број навивачи се качиле на фонтаната на плоштадот „Глориета дел Арбол Гордо“, мавтајќи со шпански знамиња и славејќи ја победата над Аргентина.

Во еден момент, горниот дел од конструкцијата попуштил и се урнал врз луѓето кои се наоѓале во и околу фонтаната.

Итната медицинска служба во 00:33 часот примила повеќе повици за несреќата. Неколку лица биле повредени, а две биле пренесени во здравствениот центар во Сиудад Родриго. Меѓу нив било и 13-годишното момче, кое подоцна им подлегнало на повредите.

По трагедијата е активиран тим за психолошка поддршка на семејството на загинатото дете, а локалните власти прогласија тридневна жалост. Инаку, низ цела Шпанија десетици илјади луѓе излегоа на улиците за да ја прослават победата од 1:0 над Аргентина во финалето на Светското првенство.

Најголемите прослави беа во Мадрид, каде што околу 40.000 навивачи се собраа на плоштадот Пласа де Колон и во паркот Мадрид Рио, додека уште околу 15.000 луѓе го следеа финалето во арената „Мовистар“.

Во Барселона, околу 30.000 навивачи го гледаа натпреварот на голем екран поставен во Марина дел Форум, а масовни собири беа организирани и во Валенсија, Севилја, Сарагоса, Малага, Толедо и други градови.

Посебно емотивно беше во Фојос, родното место на стрелецот на победничкиот гол Феран Торес, каде што неговиот погодок предизвика огромно славје. За време на прославите биле регистрирани и неколку инциденти. Во Билбао, поддржувачи на баскиската репрезентација се обиделе да го попречат јавното следење на финалето, додека во Еибар билo запалено шпанско знаме. Во Логроњо, поради технички дефект, накратко бил прекинат преносот на натпреварот на голем екран.

е-Трн да боцка во твојот инбокс