Трагедија во Британија: Седум загинати, меѓу нив двајца полицајци и двајца малолетници

Полицијата повика да нема шпекулации за причините за несреќата додека трае истрагата и побара приватност за семејствата на жртвите.

Седум лица загинаа во тешка сообраќајна несреќа на патот А66 во близина на Мидлсбро, североисточна Англија, меѓу кои двајца полицајци и двајца малолетници. Несреќата се случила во саботата во 3:39 часот во реонот Саут Бенк. Полицијата претходно следела „Фолксваген Пасат“ поради сомнение дека користел клонирани регистарски таблички.

Според Независната канцеларија за полициско однесување, потерата траела нешто помалку од седум минути. Откако „Пасатот“ излегол на А66 и почнал да се движи во спротивна насока, полицајците ја прекинале потерата.

Само десетина секунди подоцна, автомобилот директно се судрил со обележано полициско возило кое не учествувало во потерата, туку било испратено во областа за да помогне во потрагата. Во полициското возило загинале полицајците Метју Блејдс (37) и Том Клаф (38). Двајцата биле на должност и се движеле во правилната насока.

Во „Пасатот“ имало пет млади лица, меѓу кои двајца малолетници на 16 и 17 години. Останатите биле на возраст од 18 и 23 години. На местото биле испратени 14 екипи на итната медицинска помош, специјализирани спасувачки тимови и лекар од воздушната итна помош, но ниту еден од седумте патници не преживеал.

Случајот го истражува Независната канцеларија за полициско однесување поради фактот што непосредно пред несреќата била во тек полициска потера. Ќе се проверуваат постапките на полицајците, одлуката за започнување и прекинување на потерата, како и снимките и службените записи.

Полицијата повика да нема шпекулации за причините за несреќата додека трае истрагата и побара приватност за семејствата на жртвите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс