Најмалку 27 лица загинаа, а повеќе од 60 се повредени во разорен пожар што избувна ноќта кон понеделник во бар во популарната населба Чатучак во Бангкок, Тајланд. Осуммина од повредените се во критична состојба, соопштија локалните власти.
Пожарникарите добиле повик непосредно по полноќ, а кога пристигнале на местото затекнале драматични сцени. Посетителите се обидувале да избегаат низ главниот влез, кој веќе бил зафатен од пламен. На снимките објавени на социјалните мрежи се гледаат луѓе како во паника трчаат и врескаат додека се спасуваат од огнената стихија.
Сведоци: Пожарот започнал кај бината
Според очевидци, огнот избувнал во близина на сцената и за само неколку минути се проширил низ целиот објект. Еден возач, кој случајно минувал покрај барот околу 23:30 часот по локално време, за тајландскиот весник Daily News изјавил дека веднаш застанал, ги искршил прозорците и успеал да спаси две лица.
Мотоциклистот Сурин Џаихарн за агенцијата AFP раскажа дека извлекол пет лица од запалениот бар.
„Скршен сум. Видов премногу смрт. Не знам каква е судбината на луѓето на кои им помогнав“, изјавил тој.
Премиерот: Повеќето тела беа пронајдени во тоалетите
Тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул изјави дека причината за пожарот сè уште се истражува.
Тој пренесе сведоштво од музичар кој настапувал во моментот кога избувнал пожарот.
„Ми рече дека пламенот започнал кај електричен прекинувач, а потоа сè се случувало неверојатно брзо. Се слушале експлозии, а луѓето очајно се обидувале да избегаат од чадот и пламенот“, рече премиерот.
Според него, голем број посетители не успеале да стигнат до излезите и се засолниле во задниот дел на објектот, особено во тоалетите, каде што подоцна биле пронајдени најголем дел од жртвите.
Најверојатна причина за смртта – вдишување чад
Пожарникарите успеале да го локализираат пожарот за околу 30 минути, но трагедијата веќе била огромна.
Меѓу загинатите има девет мажи и 18 жени. Според првичните резултати од истрагата, повеќето жртви најверојатно починале од задушување поради вдишување чад, изјави Суријачај Равиван, директор на Одделот за справување со катастрофи во Бангкок. Сепак, конечните причини ќе бидат утврдени по дополнителните форензички анализи.
Утрото по трагедијата, барот „Rong Beer Na Lat Phrao“ беше опколен со полициски ленти. Низ искршените прозорци се гледаа целосно изгорени ѕидови и таван, а пред влезот беше натрупан уништен мебел. Во воздухот сè уште се чувствуваше силен мирис на изгорено.
Ова не е прв ваков трагичен инцидент во Тајланд. Иако властите по претходните несреќи најавија построги противпожарни и електрични безбедносни стандарди, критичарите предупредуваат дека нивната примена и натаму е недоволна, што повторно ја отвори дебатата за безбедноста во угостителските објекти.