Две лица го загубија животот, а уште две се хоспитализирани во тешка здравствена состојба по трагичен инцидент што денеска се случи во албанското туристичко место Шенѓин. Според локалните медиуми, трагедијата се случила во областа Рана е Хедхун, една од најпосетуваните плажи на северниот дел од албанското крајбрежје.
Првичните информации укажуваат дека жртвите биле повлечени од силни морски бранови и струи, по што настанала драматична спасувачка акција. На местото веднаш пристигнале екипи на итната медицинска помош и полициски службеници. И покрај напорите на спасувачките служби, за две лица не можело да се помогне, додека уште две биле пренесени во болница во критична состојба.
Албанската полиција започна истрага за да ги утврди точните околности под кои дошло до несреќата.
Трагедијата повторно ги отвори прашањата за безбедноста на капачите во периодот кога туристичката сезона на албанското приморје веќе е во полн ек. Локалните власти апелираат посетителите да ги почитуваат предупредувањата за временските услови и состојбата на морето, особено во денови со засилени бранови и струи.