Тиндер воведува групно запознавање

Првиот состанок повеќе не мора да биде средба меѓу двајца.

Тиндер ја воведува опцијата „Group Hangouts“, со која корисниците можат да се здружат со пријателите и да запознаваат други групи преку заеднички интереси и активности.

Еден корисник создава група, избира активност и поканува најмалку двајца пријатели. Кога ќе се приклучат најмалку тројца членови, групниот профил може да се појави меѓу понудените профили во апликацијата.

Ако две групи покажат заемно интересирање, се отвора заеднички разговор. Таму можат да се договорат за излегување, караоке или друга активност. Групите не мора да имаат ист број членови.

Според интерните податоци на Тиндер, при тестирањето во Австралија биле прифатени 40 проценти од поканите за приклучување. Компанијата го претставува форматот како начин запознавањето да биде поопуштено, со пријателите покрај вас.

Секој учесник мора да има сопствен профил и сам одлучува дали ќе се приклучи. Новата опција се воведува постепено во САД и на одредени други пазари, а засега не е наведено кога ќе биде достапна во Македонија. Класичното запознавање останува, со дополнителна можност за оние што претпочитаат првата средба да биде во друштво.

е-Трн да боцка во твојот инбокс