Грипот не е обична настинка, туку заразна вирусна инфекција која лесно се пренесува од човек на човек, особено во затворени простории, јавен превоз, училишта и канцеларии. Најголем ризик од заразување постои при непосреден контакт со заболено лице, особено на растојание помало од еден метар.
Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), респираторните капки што ги исфрла заразеното лице при кашлање или кивање можат да заразат луѓе во негова непосредна близина. Сепак, растојанието од еден метар не претставува апсолутна граница на безбедност, бидејќи вирусот може да се пренесува и преку поситни честички во воздухот, особено во слабо проветрени простории.
Првите три дена се најризични
Американскиот центар за контрола и превенција на болести (CDC) наведува дека лицата заболени од грип се најзаразни во првите три дена од почетокот на болеста.
Но, вирусот може да се пренесува и еден ден пред да се појават симптомите. Кај повеќето возрасни лица заразноста може да трае од пет до седум дена по почетокот на заболувањето.
Кај малите деца, лицата со ослабен имунолошки систем и пациентите со потешка форма на болеста, периодот на заразност може да биде значително подолг.
Ова значи дека човек може да го шири вирусот и кога сè уште не знае дека е болен, но и откако ќе почне да се чувствува подобро.
Како да се препознае грипот?
За разлика од обичната настинка, симптомите на грипот најчесто се појавуваат нагло. Заболените може да почувствуваат висока температура, треска, болки во мускулите, главоболка, силен замор, сува кашлица и болки во грлото.
Кај дел од пациентите се јавуваат и затнат нос, течење од носот, а понекогаш и стомачни тегоби.
Иако повеќето луѓе закрепнуваат во рок од една недела, заморот и кашлицата може да продолжат подолго.
Грипот може да предизвика и сериозни компликации
Најголемиот ризик не е само високата температура, туку можните компликации.
Во потешки случаи грипот може да доведе до воспаление на белите дробови, воспаление на срцевиот мускул (миокардитис), воспаление на мозокот (енцефалитис), па дури и сепса.
Особено изложени на ризик се децата помлади од пет години, лицата постари од 65 години, бремените жени и луѓето со хронични заболувања, како астма, дијабетес и срцеви болести.
Лицата со ослабен имунитет, вклучително и пациентите што примаат хемотерапија или имуносупресивна терапија, исто така имаат поголем ризик од тешка клиничка слика.
Кога треба да се остане дома, а кога да се побара лекар?
Здравствените препораки се лицата со симптоми на грип да останат дома и да го ограничат контактот со други луѓе.
Враќањето на вообичаените активности се препорачува кога симптомите се подобруваат и најмалку 24 часа нема покачена температура без употреба на лекови за нејзино намалување. И потоа се препорачуваат дополнителни мерки на претпазливост во наредните пет дена.
При тешкотии со дишењето, болка или притисок во градите, конфузија, губење на свеста или сериозна дехидратација потребна е итна медицинска помош.
Кај лицата со поголем ризик од компликации, лекарот може да препорача антивирусна терапија, која е најефикасна кога ќе започне рано.
Како да се намали ризикот од заразување?
Вакцинацијата против сезонски грип останува една од најважните мерки за заштита од тешка болест и компликации.
Покрај вакцинацијата, значајни се редовното миење на рацете, проветрувањето на просториите, избегнувањето близок контакт со заболени лица и носењето маска во ризични ситуации.
Здравствените експерти нагласуваат дека оддалечувањето од болните го намалува ризикот, но не гарантира целосна заштита, особено кога повеќе луѓе подолго време престојуваат во затворен простор.
