САД или Иран: Кој ја контролира клучната точка во Ормускиот Теснец?

САД ја зајакнуваат контролата врз Ормускиот Теснец, додека Иран постепено го губи влијанието врз клучниот поморски и енергетски коридор.

Борбата за контрола врз Ормускиот Теснец станува една од клучните точки во војната со Иран. Иако Техеран тврди дека го контролира теснецот, податоците за поморскиот сообраќај покажуваат поинаква слика.

Според анализата на Си-Ен-Ен, САД во последните недели ја зајакнале контролата врз поморскиот сообраќај, со воени бродови кои ги следат пловните коридори низ теснецот.

Повеќе од 80 отсто од бродовите што во изминатите две недели поминале низ Ормускиот Теснец користеле рута долж брегот на Оман, која е одобрена од Обединетите нации. Иран се противи на користењето на оваа рута и напаѓал дел од бродовите што се обидувале да минат низ неа.

Сепак, и покрај ризикот, сè поголем број бродови продолжуваат да минуваат низ теснецот, потпирајќи се на заштитата на американските поморски сили.

Податоците покажуваат и значителна промена во однос на претходниот период. Пред еден месец сообраќајот по оманската рута бил речиси целосно запрен, што му овозможувало на Иран да влијае врз движењето на бродовите и да наплаќа такси за нивниот премин.

Сега, според податоците за движењето на бродовите, Техеран засега не успева да ги наплаќа тие такси, додека американските сили продолжуваат да го следат сообраќајот и да обезбедуваат премин за бродовите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс