Search

Тешко е да се остане заедно!

Цртеж: Alfred Kurbin, Der Mensch

Подготвувајќи се за оваа колумна на глава ми се сруши чичкото што пушташе летки додека растев во Скопје, родена сум во градов (1981), во болница што го документирала и часот на раѓање што потоа бил наведуван во официјалните наводи за матичните книги на родените. 

Кога ќе се расчуеше дека наскоро ќе има „Чичко пушти летки“, следните денови беа набрекнати од исчекувањето на настанот во најава –  возбуди што се очекуваа заеднички. Се сеќавам на еуфоријата но, никако да се сетам на содржината што се пуштала од небото а, ние сме ѝ се радувале повеќе и од на прашакот Гринго.

Некои постари генерации се сеќаваат дека со летките се ширела веста за доаѓањето на циркусот Адрија и дека помеѓу стотиците од нив што ќе паднат од небо има и две влезници. Летоците се пуштале од небото и за да се објават гостувања на музички состави од просторите на поранешна СФРЈ, но подоцна и по нејзиниот распад, во национални цели со федерациски арсенал, и за ослободување на смртни(смртоносни де!), нагони, но, и за кандисување на граѓаните на партиски собир тоест митинг, во новоникнатите преживеани парцели на трауматизираниот колектив сосе неговиот премин во мрачните лавиринти на јавните приватизирани сервиси и фамилијализирана администрацијата, како и наглите претурања на позиции на моќ и акумулирање на моќ тоест пари, во муграта на пазарната економија за мали, сиромашни, задолжени и ранети нации со мнозинство маргинализирани граѓани.

Она што е важно за мене од денешна гледна точка е мојата мотивација да му се радувам на овој настан –  се работеше за колективна еуфорија, нешто што беше возбудливо затоа што нѐ внесуваше во едно заедничко чувство на припадност но, и на еднакво право да се надеваме или избориме за летки, всушност за некаква информација. Вака сум се чувствувала и на концерт и на училиште и на факултет. Образованието не е секаде во светот достапно за сите, што беше новина и една од најголемите придовки од државата во која се родив и се распадна кога штотуку имав навршено полни десет години и израснав од нејзините остатоци и нагони за преживување во големиот нов свет на новото доба.

Поп – културата е колективно доживување пред сѐ, иако таа ја поседува и моќта да стапи во контакт со човекот и на едно друго интроспективно ниво. Сепак, нејзината интимна врска со човечкото битие што восприемеа и реагира не е ограничена само на едно затворено и осаменичко искуство, туку станува спектар на заедничкиот чин на присуство и заедничко создавање, како што е случајот со некој бенд од осумдесетите и неговата публика, на пример, во којшто нема композитор којшто ја започнува реченицата и ја става точката, туку сите (подеднакво и публиката ), имаат удел во она што постанува песна или цел албум или жанр. Бендот како автор, колективот како автор. И, изведувач! Погон за движење што носи промени.

Поп-културата има огромна заслуга за опстојувањето и формирањето на колективите коишто создавале реален простор  за интегрирање на сите што се чувствувале загрозено од системот, од старите генерации, од штетните закоравени светогледи, и сѐ она што на некој начин ги дискриминирало луѓето по многу основи а, чии неприфатени човечки одлики и процут нашле безбедно место за заедничко делување токму во нејзиниот отворен простор и достапност. Поп-културата била, и е,  место кадешто потенцијалот на единката се развива во дослух и во релации со другите. Токму затоа таа е жива, прогресивна и пермакултурна и се бори од петни жили со подемот на монокултурното себеуништување. Ова сепак најмногу се однесува на супкултурата за која секако едвај чекам да пишувам во некоја од наредните колумни.

Нацртано од Ване Костуранов

Во услови на деградирачко статус-кво, кадешто системските промени се претромави и преспори за акутноста на општествените неприлики, а јавните гласила се мерат со холивудски радио станици и приватни емитувачи на содржина погодна за масивни рекламни блокови, популарната култура станува место за демонстрација на моќ, несодржајно зависничко себеомоќување, понижување, исмејување и брутално отфрлање – во самоодбрана, и е  нешто слично на боксерски ринг во којшто луѓето несвесно или неволно стапуваат во релации на, или победник или губитник, во разни рува и бои но, со истиот поразителен исход на животот во изобилство.

Брутално е, нема никаков дијалог ниту пак прогрес и креација, само крвава компетитивност и униформирање на општествените улоги што се сведуваат на потчинувач и потчинет, преживеан и лузер, маж и жена, политички опонент, идеолошки непријател, таен заговарач.

Поп-културата е колевката и рингишпилот и невидливото место за пешачење, за танцување, за плачење и за успокојување. Но, таа исто така е и склона да ги омоќи самоуништувачките нагони на запоставеното општество во трката за профит и да ги одржува и вознесува во живот болестите на човекот како што се: национализмот, расизмот, шовинизмот, фашизмот и сеништето на компетитивноста како единствен начин да се опстои, наспроти тимската работа и блискиот контакт. Има еден скопски графит: Како си? Дај да ти ги пребројам ребрата!

И ребрата, и работата, и љубовта и основното образование се поп-култура. Тие се живеат и времето поминато во интеракција со тие животни прилики е доказ дека телото и умот поминале низ тој процес на анализа на своето опкружување и во еден момент ја имаат целата моќ на светот во умот и телото на еден тивок и сомнителен ученик. Семејството е исто така популарна култура и во денешно време е крајно монетаризирана и длабоко зарасната во раниот развој на момчињата на коишто им се купуваат  пластични играчки излеани по урнек на смртоносни оружја што дома ги чуваат некои родители. Неодамнешните трагедии во нашето соседство не се далеку од нас и се јасен показател на состојбата на колективниот дух и тело.

Моќта и немоќта на поединецот се струполуваат една во друга во кревкиот истрауматизиран ум на младината што го чувствува колективот како нешто туѓо и ограничувачко, истовремено имајќи на дофат информации што живот значат а, не доаѓаат од училницата. Тешко е да се остане заедно затоа што колективот ја губи битката за својата креирачка можност да интегрира, да вклучува и да се опоравува во релации со другите. Кревката интелигентна индивидуа се повлекува и се услишува со мислата дека ѝ е нанесена огромна штета дури и кога тоа не е случај затоа што жртвата е новиот херој.  Индивидуата се чувствува загрозена од колективот што исклучува, како што денес е самата училница, улица, семејство, работно место, телевизија и во многу случаи и самата држава, вероисповест и национална припадност. Колективи! Колективи што насекаде исклучуваат единки што манифестираат нелагодни знаци на живот.

Во ваква мрачна реалност и тегобност можеме да бидеме среќни што нашиот град нуди богата и сериозно ангажирана пролетна културна понуда. Деновиве паѓаа летки-отровници од нашето дигитално небо, среќа што од другото врнеше. Обрнете внимание на својата околина и одберете деновиве настан што ќе ве успокои и направи да се чувствувате блиску до вашите сограѓани а, не блиску до замисленото небо што ве штити и ќе ви ги исполни сите желби само ако доволно силно посакате, без да направите нешто за тоа. Проверете со вашите најнови телефони што се случува во вашата блиска околина. На нашите социјални мрежи има и летки како бисери. Останете љубопитни. Останете заедно. Излезете у град. Има време за све!, шо би рекол Александар Велики.

Авторката е музичарка и текстописец

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни