Македонија ја очекува нов период на екстремно топло време, со дневни температури кои во некои делови од земјата ќе надминат 40 Целзиусови степени. Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, најтопло ќе биде за време на викендот, кога максималната температура ќе достигне до 41 степен.
Во среда и четврток температурите ќе се движат од 33 до 40 степени, додека во петок се очекуваат максимални вредности до 40 степени.
Уште пожешко ќе биде во сабота и недела, кога утринските температури ќе се движат од 13 до 24 степени, а дневните од 34 до 41 степен.
Од четврток до крајот на седмицата, во попладневните часови ќе има услови за локален развој на нестабилна облачност, проследена со краткотраен пороен дожд и грмежи. Сепак, врнежите нема да донесат позначително освежување, а многу топлото време ќе продолжи.