Океаните рушат температурни рекорди: Научниците предупредуваат дека влегуваме во непозната зона

Светските океани бележат рекордни температури за јуни, а научниците предупредуваат дека комбинацијата од Ел Нињо и климатските промени може да донесе нови екстреми.
Фото: Michael A. Orlando, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Светските океани бележат досега незабележани температури за овој период од годината. Соборен е апсолутниот рекорд за јуни, што предизвикува загриженост кај научниците поради можните последици врз глобалното време и морскиот свет.

Според податоците на европската Служба за климатски промени „Коперник“, која обединува мерења од сателити, бродови и пловни мерни станици, просечната глобална температура на морската површина на 21 јуни достигнала 20,86 Целзиусови степени, а на 28 јуни 20,89 степени.

Со тоа бил надминат рекордот од 2024 година, пишува CNN.

Комбинација од Ел Нињо и климатски промени

Необично високите температури се поврзуваат со почетокот на Ел Нињо, природен климатски феномен што се карактеризира со невообичаено топли води долж екваторскиот дел на тропскиот Пацифик.

Иако Ел Нињо е во почетна фаза, научниците предупредуваат дека може да се засили и да стане еден од најсилните во последните неколку децении.

Во позадина, сепак, стои климатската криза предизвикана од човечка активност, која дополнително ги зголемува температурите.

Океаните со децении ја имаат улогата на главен „резервоар“ на топлина на планетата, апсорбирајќи околу 90 проценти од вишокот топлина создадена од согорувањето фосилни горива.

„Влегуваме во неистражено подрачје“

Научниците предупредуваат дека особено загрижувачка не е само високата температура, туку и брзината со која океаните се загреваат.

„Иако порастот на температурата на морската површина не е неочекуван, брзината на загревањето што сега ја забележуваме е алармантна“, изјави Мајкл Мередит, океанограф од British Antarctic Survey.

Засега не е јасно дали оваа јунска топлина е привремена појава или најава за она што следува, но експертите велат дека причините за загриженост се сериозни.

„Сегашните услови би можеле да бидат показател за почеток на нова фаза што повторно нè води во неистражено подрачје“, изјави Карло Буонтемпо, директор на Службата за климатски промени „Коперник“.

Според него, со вакви температури на океаните и со Ел Нињо на повидок, во наредните месеци е веројатно да бидат соборени нови температурни рекорди.

Последици за времето и морскиот свет

Промените во океаните имаат огромно влијание врз глобалните временски обрасци.

Потоплите океани го одржуваат воздухот потопол и можат да ги засилат топлотните бранови. Тие им даваат повеќе енергија на бурите, правејќи ги посилни, а истовремено го зголемуваат испарувањето, што може да доведе до екстремни врнежи и поплави.

Зголемената температура на океаните може да предизвика и масовно избелување на коралните гребени, угинување на морски организми и дополнителен пораст на нивото на морето.

Научниците предупредуваат дека океаните се еден од најважните показатели за состојбата на климата, а рекордните температури се уште еден сигнал дека планетата влегува во сè поекстремна климатска реалност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс